Поради поголемо свлечиште и одрони на локалниот пат кон манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, воведена е забрана за сообраќај во ноќните часови.
– Поради појава на свлечишта и одрони отежнато се одвива сообраќајот особено на делот на околу 150-200 метри од исклучувањето од главниот пат кон манастирот. На споменатиот дел повремено се изведуваат и градежни работи за расчистување на одроните од карпест и земјан материјал, изјави градоначалникот Арсенчо Алексовски.
Критичното место е соодветно означено, а од денес сообраќајот ќе биде целосно во прекин во ноќните часови во периодот од 19 часот попладне до 9 часот наутро.
Алексовски нагласи дека забраната ќе важи во следниот период се додека не се обезбедат соодветни услови за безбедно одвивање на сообраќајот.
– Поради најавените дождови кои се очекуваат веќе од вечерва, за пристап до манастирот сите посетители ќе можат да го користат т.н. „Руски пат“, а пробиен е и алтернативен пат кој од главната улица во градот преку земјен пат води до големиот свиок на постојниот асфалтен пат, при што се избегнува критичниот дел од делницата. Проблемот со свлечиштето кое е од пред некој период ќе го решаваме по стабилизација на земјиштето, но и на временската состојба, доде Алексовски.
Тој апелира до граѓаните на Крива Паланка и до сите посетители и туристи да бидат трпеливи и да имаат разбирање за потешкотиите во одвивањето на сообраќајот на овој локален пат, да возат внимателно и да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци, а посебно да ја почитуваат забраната за движење во ноќните часови.