Подрумски простории, дел од куќи, земјоделско земјиште, автомобили на жители од кумановското село Проевце, се поплавени и оштетени изутрината поради дефект на полиетилиенска цевка сопственост на јавното претпријатие „Водовод“.
Жителите информираа дека ваква поплава имале пред една недела. Претседателот на месната заедница на село Проевце, Аце Петковски изјави дека проблемот е поодамнешен и дека претходно им се случувале слични проблеми, но дека овој пат штетите се поголеми.
– Луѓето се изреволтирани, куќите се поплавени, се надеваме дека „Водовод“ ќе ни излезе во пресрет и ќе постави соодветни цевки. Оттаму ни кажаа дека тендерот за набавка на нова цевка им е при крај, изјави Петковски.
Меѓутоа, нагласи дека жителите нема да дозволат овој пат санација на цевката, туку поставување на нова. Оваа цевка ја носи водата од алтернативниот извор Проевце со која со вода се снабдуваат високите зони од градот, населбите „Карпош“, „Иго Трачковиќ“, „Перо Чичо“, „Тоде Мендол“ и „Черкезе“.
Директорот на ЈП „Водовод“,Горан Стојковски изјави дека оваа цевка е поставена во 2005 година во рамки на тогашен проект и наместо челична поставена била полиетиленска цевка. Tој нагласи дека ниту е поставена на соодветна длабочина, ниту на соодветен начин.
– Веќе е распишан тендер за замена на оваа полиетиленска цевка со нова челична цевка која ќе има поголем профил во однос на сегашната и ќе издржи притисок до 100 бари, посочи Стојковски.
Потенцира дека поради несоодветната поставеност секогаш кога ќе помине тешко возило се јавува проблем од ваков карактер. Во програмата на претпријатието за работа за годинава предвидена е замена на полиетиленската цевка со челична и како што најави Стојковски, таа ќе биде во должина од 300 метри и ќе поминува низ целото село.
– Се надеваме дека на заедничко задоволство и на жителите и за нас ќе се реши овој проблем еднаш засекогаш бидејќи имаме постојано трошоци за санација, додаде Стојковски.
Тој информираше дека ЈП „Водовод“ воопшто не учествувал во проектот во поставувањето на оваа цевка, туку е само корисник на овој проект со кој во тој период се излегло во пресрет на граѓаните во високата зона кои во 2005 имаа проблеми со водоснабдување.
Тендер е завршен на 24 март годинава. На понудата се јавиле две фирми „Енергомонт“ Скопје и „ФЗЦ 11 Октомври“ од Куманово. На тендерот избрана е скопската фирма и течат роковите за жалба од пет дена, а по завршување на правната процедура, наредниот месец ќе се отпочне со првите работи, замена на 140 метри полиетленска со челична цевка.
Стојковски информираше дека ги контактирал надлежните од „Кумановско – Липковско поле“ и било упатено барање за добивање дополнителни количини на вода за време на престојниот викенд, а во моментов има доволно колични на вода за нормално водоснабдување на жителите од високите зони на градот.