Попоски-Заоралек: Нема да дозволиме Македонија да се претвори во бегалски камп

Од:

 Секој треба да си ги исполнува своите обврски. Ќе обезбедиме за секој основан барател на азил во Република Македонија сместување и сите оние третмани за кои сме обврзани на меѓународно ниво, но во никој случај нема да дозволиме да бидеме претворени во бегалски камп бидејќи ниту еден мигрант не е дојден во Македонија со падобран, туку се влезени на наша територија од земја-членка на ЕУ.

Ова го порача министерот за надворешни работи Никола Попоски во одговор на новинарско прашање по средбата во Скопје со неговиот чешки колега Љубомир Заоралек.

– Ќе обезбедиме хуман и безбеден транзит за сите, ќе ги примениме оние одлуки кои се донесени на европско ниво, ќе соработуваме како што сме соработувале досега и со Грција и со сите други земји членки кои ни помагаат, вклучително и Чешката Република… Грција ни е сосед и немаме никаков интерес да биде во каша и да не може да ги решава проблемите, но нема да дозволиме да се спроведуваат еднострани решенија кои ќе бидат на наша штета. На наша штета би било доколку Грција се претвори во паркиралиште за мигранти, но во никој случај нема да дозволиме Македонија да се претвори во паркиралиште за мигранти, рече Попоски.

Тој посочи дека Македонија во пракса покажа оти може да го спроведува она што е договорено, значително го намали протокот на нелегалните мигранти, воспостави систем на контрола и регистрација и спроведување на основаните баратели на азил во ЕУ на хуман и безбеден начин. Додаде дека европскиот план за справување со мигрантската криза е одличен и нагласи дека секој треба да си ги преземе обврските во својот дел.

– За да можеме ова да го спроведеме значајна ни беше и помошта што на билатерално ниво ни ја дадоа повеќе земји членки на ЕУ, вклучително и Чешката Република која несебично придонесува и со присуство на сили и со помош на опрема за да можеме да ја реализираме контролата на границата, да спречиме нелегални преминувања и да имаме ефикасен систем за регистрација на мигрантите, рече Попоски.

Прецизира дека двете земји се свесни за драматичноста што ја има мигрантската криза врз ЕУ и врз сите земји кои се наоѓаат на балканската рута.

– За нас е зјначајно тоа што е договорено на европско ниво да се имплементира. Помош да се пружи на Турција во делот на бегалците кои се наоѓаат на нејзина територија и во делот на контролата на нејзините граници, но и во делот на контрола на надворешните граница на ЕУ, односно во Грција и во делот на соработката со Грција. Македонски интерес е да имаме соработка со Грција, да нема еднострани решенија и сите заедно да дејствуваме  во правец на контрола, безбеден и хуман третман на мигрантите и сите кои имаат основа да бидат азилобаратели во некоја од европските земји, рече Попоски. 

Нагласи дека на средбата со Заоралек покрај за мигрантската криза се говорело и за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО и за економската соработка меѓу Чешка и Македонија и додаде дека за сите теми чешката и македонската страна имаат слични или исти видувања.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски не избламира пред членка на ЕУ и никогаш не стана амбасадор, следбеник на Заев и ,,Бојко љубави” дипломатијата

Предраг Петровиќ

МНР: Во близина на Суботица во сообраќајка загина маж од Македонија, во несреќата тешко повреден е сопатник

Горан Наумовски

Мајка и три деца, македонски државјани, се евакуирани од Израел

Вкупно 22 македонски државјани побарале помош за напуштање на територија на Израел и враќање во земјава

Предраг Петровиќ

Апел на МНР: Не патувајте во Израел и Иран, не е безбедно

Горан Наумовски

Во МНР отворена Книга на жалост за загинатите во трагедијата во Кочани