Проширувањето на Европската унија со земјите од Балканот мора да продолжи. Тоа е добро од безбедносен и економски аспект за земјите, но и за стратешките цели на Унијата и за зацврствување на нејзиниот кредибилитет, порача министерот за надворешна политика Никола Попоски обраќајќи се на дебатата на тема „Европската унија во 21-от век: проширувањето со нови членки – императив на европската агенда“, што се одржа денеска во Скопје.
Проширувањето на Европската унија се покажа како една од најуспешните политики која придонесе за трансформација на земјите пристапнички во модерни демократски општества. Позитивните ефекти се повеќекратни прво во форма на политичка стабилност која е перцепирана од надвор, унапредување на човековите права, владеење на правото, воспоставување пазарна економија, подобрување на социоекономскиот развој. Сепак, најзначајно е тоа што од проширувањето на ЕУ е втемелена идејата на проектот за обезбедување долгорочен мир и стабилност.
– Пред десетина години беа дадени ветувања за проширувањето на ЕУ на балканскиот полуостров. Оттогаш па досега се постигнати одредени значајни придвижувања, но мора да укажеме и на недовршениот процес на интегрирање на одредени земји во тоа семејство. Мора да укажам дека граѓаните на сите земји од регионот сметаат дека тој процес мора да биде заокружен врз основа на принципите на ЕУ, со намалување на можностите за конфликтност и создавање можности за просперитетен живот за сите граѓани, рече Попоски.
Тој изрази убедување дека натамошното проширување на ЕУ со земјите од Балканот е вистинскиот начин за сите идни предизвици било од безбедносен или економски карактер и би било продолжение на најуспешниот мировен проект.
Иако ЕУ се соочува со предизвици во моментот и економската криза ја стави во ризик политиката на проширувањето, Попоски смета дека тие ќе бидат надминати и нема да биде потиснат стратешкиот интерес од проширувањето, бидејќи тоа, како што рече, би било погрешно и со негативни последици на заложбата на ЕУ да игра значајна улога на меѓународна сцена.
– Не би им дал никаков кредибилитет на оние кои велат дека не треба да се залагаме за Европа бидејќи таа се соочува со крупни проблеми и прашање е дали ќе ги надмине. Убеден сум дека ќе ги надмине и дека ќе излезе псосилна од кризите, рече министерот за надворешни работи.
Мислењето за штетноста од одложувањето на процесот на проширување го дели и европратеникот и известувач на ЕП за Македонија Ричард Ховит.
– Зошто е во интерес на Македонија и на ЕУ проширувањето да продолжи? Ако Македонија сака да напредува, тоа може да го направи само како членка на ЕУ, а доколку Унијата сака да ја зацрвсти својата надворешна политика, таа треба да ја признае вредноста на вашата земја и на другите земји од регионот, бидејќи вие не сте само соседи на Европа, туку припаѓате во европскиот дом, рече Ховит.
Според него, не може да има кредибилна надворешна политика доколку не може да помогне да се решат проблемите на балканските земји. – Мојата порака е дека европската надворешна политика ќе биде зацврстена со додавање на вашите лични искуства традиција. За македонија, пак, зачленувањето во ЕУ не е избор затоа што не гледам ниту една друга алтернатива, рече Ховит.
Тој ги повтори и ставоивите што ги изнесе утринава на прес-конференција дека треба да се искористи историската можност за членство на Македонија во ЕУ.
– Европскиот парламент не верува во бојкоти на избори ниту во Македонија, ниту во која било друга земја. Мојата порака е дека ако има политичка волја да се надмине спорот уште е можно тој да се реши. Она што ќе се случи овде во неколку дена, ќе влијае на она што ќе се случува во Брисел во наредните години. Не сакам да обвинам никого, но перцепцијата за тој настан го става во прашање кредибилитетот на земјата, рече Известителот во ЕП за Македонија Ричард Ховит.
Дебатата на тема „Европската унија во 21-от век: проширувањето со нови членки – императив на европската агенда“ е организирана од Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика. На неа, меѓу другите, учествуваа и Срѓан Керим, Таки Фити, Арсим Зеколи, Тања Каракамишева, Радмила Шекеринска и Александар Спасеновски.