Поради врнежите од дожд кои ја зафатија Македонија во изминатите денови поплавени се земјоделски површини во одредени места.
Досега, како што информира денеска Дирекцијата за заштита и спасување, врежите од дожд немаат предизвикано посериозни последици врз станбените и деловните објекти, патиштата и мостовите.
Според информациите на Дирекцијата, во општина Куманово поради засилени врнежи од дожд изминатото деноноќие дошло до подигнување на нивото и излевање на реката Кумановка кај селото Доброшане при што се поплавени 20 хектари земјоделска површина, додека кај селото Довезенце излеана е Крива Река и поплавени се 10 хектари.
Во општина Кочани излеана е Злетовска река кај селото Ново Селани и поплавени се оризови полиња. Од страна на Дирекцијата за заштита и спасување е ангажирана градежна машина која од петокот работи на расчистување на коритото на Злетовска река за да се спречи понатамошно излевање и поплавување на оризовите полиња. На барање на локалната самоуправа ангажирана е уште една градежна машина за расчистување на коритото на Злетовска Река кај селото Жиганци.
Превентивно за уредување на коритото на Злетовска Река ангажирана е една градежна машина и во општина Пробиштип.
Во Крива Паланка нема излевање и поплавување на реките и водотеците, иако во текот на вчерашниот ден нивото на Крива Река и Дурачка Река било покачено. Состојбата со реките денес е нормализирана и стабилна.
Покачено ниво на реките и водотеците во текот на вчерашниот ден е забележано и во општина Радовиш, но денес и таму состојбата е нормализирана.
Во Штип по барање на општината доставени се 1000 вреќи за песок заради изградба на заштитен насип на бунарите кај реката Брегалница. Состојбата со реките и водотеците во овој регион е стабилна.
Од Дирекцијата за заштита и спасување истакнуваат дека сите нивни подрачни одделенија ја следат состојбата и се подготвени да помогнат доколку дојде до излевање на водотеците и до поплавување.