На Клиниката за Токсикологија имало поплава изминатата ноќ. Информацијата за А1он ја потврдија лекари од клиниката кој велат дека поплавен бил еден спрат, но водата се слевала и на подолните спратови.
Според информациите кои ги имаат до хаваријата дошло поради дефект на парното. Пукнала цевка од парното греење во една од собите по што огромна количина на вода почнала да ги полни и сите соседни соби и целиот спрат.
Од Министерството за здравство потврдија дека ноќеска имало пукнала цевка од парно и дека проблемот е веднаш саниран.
„ Нема штета, се е повторно вратено во функција, велат од Министерството за здравство.
Пред неколку дена вработени од клиниката алармираа дека Клиниката за токсикологија не е осигурана.
За работењето во оваа клиника прес конференција одржаа и дел од лекарите кои говореа за начинот на функционирање на клиниката.
Стручниот колегиум на Токсикологија заедно со д-р Нико Беќаровски деновиве јавно укажа за пробелите што се случуваат во клиниката. Според нив секојдневно се случувало хаос кој што не бил виден досега. Се работи за долг од два милиони денари, но и бројни проблеми во текот на работењето, како што бил случајот со валидизирани резултати. Проблемите станале актуелни откако за вршителка на должноста е назначена организациската директорка Бесија Илјази.Таа со вработените комуницирала само на албански јазик, не зборувала македонски,за што користела преведувач. Истовремено Иљази не дозволила вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар, кои што биле неопходни за да се утврди каков вид на труење има пациентот.
Министерот за здравство Илир Демири застана во заштита на Илјази, а најави разрешување на медицинскиот директор на клиниката, д-р Данил Петровски.
Хаосот што се случува на Клиниката за токсикологија, го потврди и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Испекторите излегоа на терен и во вонрeдниот инспекциски надзор утврдиле дека пет медицински сестри,три болничари, еден лаборант и двајца биолози четири месеци незаконски работеле.
Според д-р Рената Младеновска, директор на ДСЗИ, тие контролата ја направиле по добиена анонимна претставка од група на вработени на Токсикологија. Се работи за лица кои што имале статус на здравствени работници и соработници, на кои што договорот за работа им завршил на 31 декември 2023 година.