Покачувањето од овој месец матичните лекари ќе го добијат во април, Фондот не го намалува рокот за исплата од 60 дена

Од:

По шеесет и повеќе денови чекаат за исплата од Фондот за здравствено осигурување матичните лекари, гинеколозите и стоматолозите и оваа пракса нема да се смени ниту со покачувањето на капитациониот бод кое ќе им се пресметува од овој месец.

Од Фондот за „А1он“ објаснуваат дека нови договори со матичните лекари нема да потпишуваат оти сегашните важат до 2026 година.

„Фондот за здравствено осигурување на РСМ нема да потпишува нови договори со матичните лекари заради покачувањето на вредноста на капитациониот бод. Во однос на исплатата на капитација се почитува рокот на плаќање од 60 дена од денот на доставување на фактурата. Само за појаснување , фактурата за капитација се доставува за секој месец одделно и тоа до десеттиот ден од месецот за претходниот месец. Тој рок за плаќање е дефиниран во склучените договори со сите ПЗУ од ПЗЗ со важност од 01.01.2020 година до 31.12.2026 година“, велат од Фондот за здравствено осигурување.

Нивниот став е дека на матичните лекари парите не им стигнуваат со задоцнување оти роковите се законски, а Фондот го почитува законот кој како исклучок од правилото за исплата во рок од 60 дена на пари од јавниот кон приватниот сектор, предвидува јавните здравствени установи долгот да го исплатат и во рок од 90 дена.

Појаснуваат дека постапуваат дури и по Законот за финансиска дисциплина, кој забранува исплатите од јавните установи кон приватници да бидат подолги од 30 односно 45 дена, предвидено во член 6, став 7. За тоа имаат толкување, различно од она на матичните лекари кои себе се сметаат за приватни економски оператори.

„Став 7 се однесува на плаќање на обврски кон економските оператори од приватен сектор, а не кон ПЗУ од примарна здравствена заштита. Согласно член 4 точка 3 од Законот за финансиска дисциплина економски оператори од приватниот сектор се: трговско друштво или трговец поединец основан согласно со Законот за трговските друштва и физички и правни лица кои вршат профитна дејност и се регистрирани согласно со закон“, објаснуваат од Фондот.

Матичните лекари покачувањето од овој месец, реално ќе го забележат дури во април, кога очекуваат да им биде исплатена капитацијата за јануари.

Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на седницата одржана на 26 декември одлучи од први јануари 2023 година да ја зголеми вредноста на капитациониот бод за избраните лекари по општа медицина и гинекологија од 63,00 на 75,00 денари. За избраните лекари стоматолози капитациониот бод се зголемува од 48,00 на 61 денари, по прикрепено осигурено лице .

Покачувањето доаѓа по низа протести на лекарите и долги преговори со Министерството за здравство и Фондот.

Би можело да ве интересира

Матичните лекари се жалат на казните за пречекорување на издадени лекови

Матичните лекари згрозени од убиството: Треба ли да се плашиме дека некој после работа може да не убие

Горан Наумовски

Чолакова Дервишова: „Мој Термин“ пак не работи, илјадници пациенти не можат да добијат хронична терапија

A1on

По низата штрајкови годинава: матичните лекари добија покачување на бодот, ќе се пресметува од јануари

Сали и денес не ги повика матичните на разговор: Ова не е протест, ова е штрајк

Маја Илиевска-Пачемска

Дел од матичните не штрајкува: Во бели мантили треба да излеземе пред Владата  

Маја Илиевска-Пачемска