Поголем дел од селата во струшкиот, охридскиот и ресенскиот регион добија струја

Од:

ЕВН Македонија ја санира дистрибутивната мрежа оштетена од снежните наноси и силниот ветер. Во лоши услови екипите на ЕВН Македонија работат на санирање на поголем број на дефекти настанати од интензивните снежни врнежи и силниот ветер, по што состојбата со електро снабдувањето во кризните региони полека се нормализира.

Како што соопшти ЕВН Македонија, вечерва поголем дел од отсечените села во струшкиот, охридскиот и ресенскиот регион добија електрична енергија.

Нормализирано е снабдувањето во преспанските населени места Козјак, Горна и Долна Бела Црква, Езерани и колекторот во Езерани, Љубојно, Долно Дупени, Лева Река, Крушје, а се очекува дека до полноќ под напон ќе биде и населеното место Грнчари.

Во охридскиот регион електрична енергија добија Долно и Горно Лакочереј, Климештани, дел од Мешеишта и Требеништа, а сите дефекти на 10 кВ далекувод кај Велестово и Крушје се отстранети и вечерва или во раните утрински часови ќе биде нормализирано снабдувањето.

Во струшкиот регион нормализирано е снабдувањето во Горно и Долно Татеши, Љубаништа, Октиси, и Боровец. Во Делогожда и Радожда екипите на ЕВН и жителите на овие села заеднички се пробиваат до завеаните столбови и ќе се работи до доцните ноќни часови.

Во струшкиот регион од ноќеска и раните утрински часови под напон се Калишта, Франгово, Радолишта, Феришта, Дреслаица, Мороишта, Ложани, Ливади, Биџево, Вевчани и Велешта.

Од ЕВН Македонија соопштуваат дека интензивно се работи да се воспостави снабдување со електрична енергија и на населените места во Центар Жупа.

– Дефектите се отстранети и наскоро треба да се пушти под напон 10 кВ далекувод, стои во соопштението.

Благодарение на екипата со моторизирани санки на МВР, се посочува, времето на стигнување на електромонтерите до местото на дефектите значително се намали.

Само во струшкиот регион паднати и искршени се 60 столба на 35 кВ далекувод и над 100 на 10 кВ далекуводи.

– Белата снежна мрежа проследена со тежок снег и силен ветер кој во планинскиот дел дувал со брзина од над 100 км на час буквално ги замрзнал столбовите, а потоа ги кршел и откорнувал од лежиштата, се појаснува во соопштението.

Критични точки во снабдувањето се уште има во дебарскиот регион и екипите на ЕВН Македонија интензивно работат на отстранување на дефектите.

Во струшкиот регион на потегот околу Луково и Јабланица столбовите се тешко пристапни и екипите на ЕВН тешко се пробиваат до нив, но, и вечерва и утре ќе се работи на тоа да се нормализира снабдувањето.

Најкритични се селата во дебарскиот регион во Реканскиот крај на потегот од Жировница до Бошков мост, каде комплетно е уништена дистрибутивната мрежа, и 35 кВ и 10 кВ далекувод. На овој потег се прави една нова врска, за само еден ден се подигна сосема нов далекувод од 12 столба, но двата затегнувачки столба кои ја прават врската преку Дебарско езеро се урнати од ветрот и снегот и заедно со проводникот се во езерото. Вечерва и во утрешниот ден со специјализирани екипи и чамци ќе се постават два нови столба и ќе се премостува врската низ езерото.

Би можело да ве интересира

Елиминирањето на конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач граѓаните ќе ги чини стотици милиони евра повеќе за сметки за струја

А1он

За универзален снабдувач прифатена понудата на ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје

Зошто се тактизира со извештајот за избор на универзален снабдувач?

Орце Костов

ДЗС: Струјата во второто полугодие лани поскапела за 8,2 отсто

Дефект на трафостаница ги остави кумановци од центарот на градот без струја

Горан Наумовски

За 25 месеци приклучени се нови 578,26 MW енергетски капацитети од обновливи извори