Почна втората фаза за менување на Уставот, власта и опозицијата со спротивставени ставови

Од:

Со почетокот на седницата на Комисијата за уставни прашања на која се расправа за нацрт уставните амандмани стартуваше втората фаза од постапката за менување на Уставот на Република Македонија.

Седницата на собраниската Комисија почна вчера со обраќање на премиерот Зоран Заев, кој ги образложи четирите нацрт-амандмани, а продолжението е закажано за денеска во 11 часот.

Пред членовите на Комисијата, премиерот посочи дека предложените нацрт амандмани се во согласност со меѓународното право и меѓународните стандарди за човековите слободи и права, како и согласно интересите на Република Македонија и нејзините перспективи во евроатлантските интеграции. Оцени дека нацрт-амандманите заслужуваат поддршка од сите пратеници во Собранието.

– Пратениците, со поддршка на иницијативата, ќе покажат дека се за европска иднина на Македонија, рече Заев пред Комисијата за уставни прашања.

За опозицијата пакетот уставни измени се носи без консензус, а пратениците немаат мандат да расправаат за измените на Уставот бидејќи референдумот бил неуспешен. Единствен излез од ситуацијата, според нив, е да се оди на нови избори. Дел од нив сметаат дека не треба да се менува името на државата во Преамбулата на Уставот, а Илија Димовски предложи дополнување на нацрт-амандманите со кое ќе се одреди нивниот рок на траење. Побараа и седницата на Комисијата за уставни измени да се пренесува во живо.

Парламентарното мнозинство со став дека решението за името е добро и додавката „северна“ не го загрозува идентитетот. Договорот од Преспа го гледаат како шанса да се придвижи државата напред и да стане дел од најсилните и најможните сојузи.

Алијансата за Албанците и движењето „Беса“ го гледаат отворањето на Уставот како добра можност да се разговара и за изедначувањето на албанскиот со македонскиот јазик, односно тој да стане службен јазик на целата територија на државата со што би се затвориле сите отворени прашања.

Седницата на Комисијата за уставни прашања може да трае 12 дена, а пленарната седница веќе е закажана за 1 декември. Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас по што треба да се организира јавна расправа чие времетраење го утврдува Парламентот. По ова, Владата ги изготвува предлог-амандманите и повторно ги доставува до Собранието кое треба да ги донесе со двотретинско мнозинство или за нив ќе треба да гласаат најмалку 80 пратеници. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство.

На 19 октомври Собранието со 80 гласови „за“ ја донесе одлуката за пристапување кон уставни измени, согласно Договорот од Преспа. За потребата за уставни измени гласаа и осуммина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште