Почна средбата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, денеска, во Скопје. Ова е прва средба на новиот состав на македонскиот тим со нивните колеги од бугарска страна.
Пред почетокот на средбата претседателот на бугарскиот дел од Комисијата Ангел Димитров на прашање од новинарите какви се неговите очекувања од средбата изјави дека не може да каже ништо пред таа да се случи.
-Не ги познаваме новите членови на Комисијата. Претседателот го знаеме, но тоа не е доволно, Комисијата е составена од седум луѓе, вели Димитров.
Последната средба на Мешовитата комисија за историски прашања беше одржана на 30 и 31 мај во Софија, а состанокот планиран во Скопје на 18 и 19 септември годинава беше одложен на барање на македонската страна.
Историчарот Митко Панов, кој е дел од новиот состав што Владата го назначи минатиот месец, синоќа во интервју за ТВ Сител изјави дека не може предвреме да каже за очекувањата од средбата, но, рече, оптимист е доколку се постигнат начелата на слободно изразување на ставовите за историјата.
-За моите очекувања не можам ништо да кажам сега, пред време, бидејќи треба да се запознаеме, треба да ја запознаеме методологијата на работа, концептот на работа, принципите на делување… Доколку се држиме до современите принципи на работа, европските практики на работа на ваков тип комисии, можам да кажам дека сум оптимист, не дека нешто ќе се постигне, сега ќе видиме, но доколку ги постигнеме тие начела на работа, мислам дека ќе можеме слободно да ги изразуваме своите ставови и, впрочем, тоа е и целта и моето разбирање на комисијата – да ги изразиме сопствените ставови, ставовите на македонската историографија и да видиме кои се тие проблематични точки коишто едната страна ги смета за некакви конфликтни проблеми, истакна Панов.
Посочи дека претходно многупати кажал дека не се согласува со концептот на работа на претходната Комисија, и нагласи дека ќе работат „растоварени од какви било политички влијанија“ затоа што, рече, комисијата треба да работи во таква атмосфера за да дискутира.
– Генерално, комисијата треба да работи во некаква атмосфера во која ќе дискутираме за одредени историографски проблеми коишто, да кажам, се можеби продукт на 19 век… Ќе видиме како понатаму ќе се делува. Она што е охрабрувачки е фактот дека како тим на историчари сме оставени слободно да ги изразуваме своите ставови и своите научни гледишта. Впрочем, со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски имавме протоколарна средба на која беше дециден дека ние како историчари и како комисија, формално сега, апсолутно имаме академска слобода на делување за какви било одлуки што ќе ги донесеме, ако ги донесеме, и за какви било дискусии во рамките на комисијата. Така што, тоа е за поздравување, додаде Панов, историчар од Институтот за национална историја.
Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември. Нов претседател на македонскиот тим во заедничката комисија е Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а покрај Митко Панов, членови во Комисијата се и Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски. Претседателот Ванчо Ѓорѓиев порано беше член на Комисијата, но ја напушти во 2021 година. Одлуката да се повлече од Комисијата, како што изјави тогаш, е бидејќи се соочил со политички притисоци во нејзината работа.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.
Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто оделение во Македонија и за пети клас во Бугарија.