Општина Гевгелија денеска ја почна постапката за изградба на времена депонија за неопасен отпад кај селото Ново Конско со ставањето на јавен увид и консултација со јавноста на нацрт извештајот за стратегиската оценка и нејзиното влијание врз животната средина.
– На граѓаните со оваа постапка им е овозможено да имаат целосен увид во комплетната документација и влијанието на објектот кој ќе биде граден и уреден по светски стандарди кои гарантираат обезбедување целосна заштита на животната средина, велат од општината.
Проектот предвидува санитарната депонија за неопасен цврст отпад да се простира на површина од 2 хектара, оддалечена 7 километри од Гевгелија и 1,3 километри од најблиското населено место Ново Конско.
Депонијата ќе се гради со јапонски грант преку УНДП програмата за помош на општините кои беа зафатени со бегалската криза и ќе обезбеди целосна дистрибуција и депонирање на комуналниот отпад на најсовремен начин.