Припадниците на декларираната ренџерска чета од Полкот за специјални операции на АРМ во текот на вчерашниот ден на Армискиот полигон „Криволак“, почнаа со справувањето со подготвените инциденти од НАТО оценувачите во рамки на вежбата „Македонски Блесок 12“.
– Според сценариото за оценување, дел од единицата наиде на неексплодирана импровизирана експлозивна направа. Ренџерите реагираа веднаш користејќи ги макотрпно стекнатите вештини и во склад со НАТО стандардните оперативни процедури. Набргу по овој инцидент следеше реакција на непријателска заседа. Оценувачкиот тим имаше прилика да се увери во брза и ефикасна реакција, на начин како што тоа го прават најдобрите, соопшти Министерството за одбрана.
Оттаму прецизираат дека динамиката на оценувањето продолжува и во текот на вечерните часови кога се очекуваат уште неколку инциденти, а веќе следниот ден следуваат посложени задачи и инциденти во кои македонските ренџери ќе се справуваат со други борбени ситуации.
Оценувањето Ниво -1 го вршат овластени НАТО оценувачи според НАТО стандардите на оценување на борбената способност „CREVAL”.