Почна обуката за примена на стандарди за третман на зависници од дрога со поддршка на УНОДЦ

Од:

Примена на меѓународни стандарди за третман на зависници од дрога и превенција, е целта на тридневната обука за креаторите на политики која почна денеска во организација на Министерството за здравство во соработка и со поддршка од Канцеларијата на ОН за борба со дрога и криминал (УНОДЦ).

Обуката има за цел да обезбеди знаење со кое во иднина ќе се развиваат соодветни закони, стратегии, програми и интервенции базирани на научни докази, насочени кон спречување на употреба на дрога и обезбедување сеопфатни системи на грижа за луѓето кои употребуваат дроги или се со нарушувања од употребата на дроги.

Државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев се заблагодари за поддршката која ја дава канцеларијата на ОН во развивање на правилните политики околу третманот и рехабилитацијата на зависниците од дрога.

– Министерството за здравство веќе подолг период е посветено на креирање и подобрување на политиките кои ќе овозможат третман на на лицата кои земаат дрога. Како систем имаме кадровски проблеми, бидејќи подолг период немавме континуирана едукација на соодветни кадри од оваа област. Во тој поглед веќе креираме политика на подобрување и на кадровската комплетираност која ќе овозможи соодветен третман и прифаќање на овие пациенти кои се зависници од дрога и условите за нивен третман, додаде Милошев.

Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Луиза Винтон рече дека мора да се обезбеди лекување на зависниците од дроги кое треба да се третира како медицинско нарушување. Според неа, тоа е здравствен проблем и така треба да се третира, а не како борба или казна.

– Полицијата треба да се бори против оние кои ја шверцуваат дрогата, а тие што ја употребуваат дрогата треба да се лекуваат, а не да се третираат како престапници, додаде Винтон.

Раководителот на Центарот за превенција и третман на зависност од дроги при Психијатриската болница во Скопје, Лилјана Игњатова рече дека во Македонија, како и во регионот, расте бројот на зависници и популацијата е млада. Употребата од дрога, посочи, ги афектира најмладите, многу брзо се менуваат состојбите на терен и многу бавно оди имплементацијата на програмите.

Таа истакна дека работат заедно со министерствата за здравство и за труд и социјална политика и функционира работна група за развивање програми за малолетни лица.

– Во Град Скопје има развиено советувалиште за млади, со Министерството за здравство развиваме онлајн интервенции со кои работиме против стигмата луѓето да не мора да се идентификуваат, да е доверлив третманот, да не мора да дојдат во центрите каде можеби ќе ги видат…Канцеларијата на ОН за дрога и криминал разви стандарди за квалитет, за третман и превенција. Тие ја поддржуваат нашата земја и други земји во регионот да ги примениме тие стандарди, додаде Игњатова.

Би можело да ве интересира

Дрога, оружје, пари и мобилни телефони најдени при претрес кај скопјанец

А1он

Велешанец проголтал дрога за да ја сокрие од полиција, па завршил во болница

Горан Наумовски

Кривична за жител на дебарското село Отишани, поради поседување марихуана

Горан Наумовски

Полицијата уапси дилер во Штип, пронајдена е дрога во неговиот дом

Горан Наумовски

Приведен дилер во Тетово, пронајдена дрога

Претрес во Штип, пронајдена дрога

Предраг Петровиќ