Почна асфалтирањето на новопроектираниот булевар „Христијан Тодоровски-Карпош“

Од:

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и директорот на ЈП „Улици и патишта“ Синиша Ивановски денеска извршија увид во градежните работи на првата фаза од капиталниот проект за продолжување и изградба на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во општина Бутел.

Новиот дел од булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ се гради на потегот од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до крстосницата со улицата „Натанаил Кучевишки“ во должина од 1.000 метри.

– Ова е првиот новопроектиран булевар што се реализира на територијата на Скопје по подолг период, додека преостанатите беа проширување на постојните улици. Новиот булевар ќе биде со вкупна ширина од 40 метри, ќе има 6 сообраќајни ленти од по 3,5 метри, а ќе има и велосипедски патеки од двете страни на булеварот со ширина од 2,5 метри. По должината на булеварот ќе има пешачки патеки од двете страни со променлива ширина, како и средишно зеленило, рече Трајановски.

На новиот булевар ќе биде поставено и ново улично осветлување, ќе се постават 76 столба во висина од 10 метри, а ќе биде поставена и нова хоризонтална и вертикална сигнализација.

Реализацијата на овој проект, како што рече Трајановски, се одвива според предвидената динамика, а денеска почна асфалтирањето на една делница на овој булевар. Трајановски очекува градежните работи на овој проект да бидат завршени во текот на оваа година.

– Скопје ќе добие нов, модерен булевар, кој ќе биде од големо значење за подобрување на сообраќајните врски и зголемување на безбедноста во сообраќајот. Новопроектираниот булевар „Христијан Тодоровски- Карпош“ ќе биде од исклучителна важност за општините Бутел и Чаир и сите оние што гравитираат во овој дел од градот, особено по неговата целосна изградба во втората фаза, со која ќе го продолжиме пробивањето на булеварот и ќе го поврземе со обиколницата, рече Трајановски.

Со неговата реализација, како што нагласи, ќе се добие нова сообраќајна алтернатива за улицата „Бутелска“, која во моментов е единствената сообраќајница која поминува низ Бутел и се создава голем сообраќаен метеж.

На новиот дел од булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ ќе биде поставена нова водоводна мрежа, ќе се изгради нова атмоферска и фекална канализација. За овој проект Град Скопје од буџетот издвојува 160 милиони денари, а изведувач на градежните работи е компанијата „Пелагонија-Гостивар“.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Голем пожар во зграда во Чаир: Евакуирани над 100 луѓе, има повредени

Катерина Ѓуровски

АХВ нареди времено затворање на кујната во касарната „Гоце Делчев“

Горан Наумовски

Во Скопје се санираат штетите од синоќешното невреме

Повеќе од 12 часа делови од Скопје без струја

Од силниот ветер падна дрво и повреди жена во центарот на Скопје

Катерина Ѓуровски

Во Тетово и во Скопје уште се санираат последиците од невремето