Почина академик Блаже Ристовски

Од:

Почина академик Блаже Ристовски (1931-2018), редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, соопшти Македонската академија на науките и уметностите со голема тага.

Академик Блаже Ристовски е роден на 21 март 1931 година во с. Гарниково, Кавадаречко. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје (на Групата за литература на народите на СФРЈ и македонски јазик), а по одбраната на докторската дисертација „Крсте П. Мисирков – живот и делото“ (1965), бил избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје. Како научен советник, преминува во Институтот за национална историја (1977-1991) каде што раководел со тимот за културната историја и со Балканолошкото одделение, а до пензионирањето работи како научен советник во Институтот за старословенска култура во Прилеп (1993-1995).

Академик Ристовски го посвети целиот свој работен век како неуморен и многу плоден истражувач на македонската литература, на јазичната и националната историја, на фолклорот, на појавата и развитокот на македонскиот народ и македонската национална мисла, кои се објавени во голем број книги. Неговиот научноистражувачки интерес беше насочен кон истражување и афирмација на националните дејци од XIX и XX век – Крсте П. Мисирков, Димитрија Чуповски, Ѓорѓија Пулевски, Петар Драганов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Васил Икономов, Наце Димов и други. Објавил над 800 статии и други прилози во разни списанија и зборници на трудови во земјата и во странство. Собраните дела на Крсте Мисирков претставуваат еден од најзначајните проекти на академик Блаже Ристовски во Македонската академија на науките и уметностите, којшто со документиран, аналитички и критички приод ја претстави панорамата на македонскиот културно-национален развиток во еден клучен период од нашата историја.

Академик Блаже Ристовски бил член на редакциите на списанијата „Etnologia Slavica” (Братислава), “Demos” (Берлин), „Погледи“, „Современост“, Гласник на Институтот за национална историја (Скопје) и други. Бил претседател на Здружението на фолклористите на Македонија, на Сојузот на здруженијата на фолклористите на Југославија, потпретседател на Одборот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид (1967), член на Републичката комисија за културни врски со странство, претседател на Советот на Филозофско-историскиот факултет во Скопје. Ќе остане во сеќавање неговата целосна посветеност кон работата, кој со зрелоста на неговите научни достигнувања значајно придонесе во афирмацијата на македонската историографија.

Од 1991 до 1992 година, академик Блаже Ристовски ја вршеше функцијата потпретседател на првата Влада на самостојна Република Македонија.

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 октомври 1988 година, а за редовен член на 20 јуни 1996 година. Беше научен секретар на МАНУ од 1999 до 2002 година, а во периодот од 2011 до 2015 година беше секретар на Одделението за лингвистика и литературна наука.

Погребот на академик Блаже Ристовски ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје утре, во 13 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во Капелата од 12 до 13 часот.

По повод смртта на академик Блаже Ристовски, во Свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите ќе се одржи Комеморативна седница утре во 10:30 часот.

Би можело да ве интересира

МАНУ: Во Македонија постои само една национална академија

ВРЕДИ почна да го реализира планот за албанска Академија, ќе ја финансираат општините со нивни градоначалници

Катерина Ѓуровски

Штрајкуваат вработените во МАНУ, бараат повисоки плати

Горан Наумовски

Влен: Академијата за науки и уметности на Албанците не треба да се гледа како контраст или паралелизам на МАНУ

Муртезани: Не можам да тврдам, но има перцепција дека во МАНУ нема пристат за други етнички заедници

Претседателство на МАНУ: Академијата е отворена за сите што ги исполнуваат критериумите, да не се вовлекува во дневнополитички расправи