По Уставниот суд и експертите со сомнежи за Регистарот за педофили

Од:

Експертите за човекови права и за уставни прашања ја поддржуваат одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за три члена од Законот за посебен регистар на лица осудени за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија.

Предупредуваат дека станува збор за чувствителна материја, која може да загрози дел од човековите права, независно што во случајов станува лица осудени со правосилна пресуда за педофилија.

Одлуката на Уставниот суд предизвика остра реакција кај министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој смета дека на сите приоритет треба да им биде заштитата на децата.
Осман Кадриу, експерт за уставни прашања, за А1он вели дека и пред да биде поднесена оваа иницијатива, тој имал негативен став кон определбата да се објавуваат имиња во регистарот.

„Станува збор за една мошне значајна и чувствителна сфера која во себе содржи значајни морални вредности на човекот и неговата личност. Ако се овозможува на таков начин да се објавуваат податоци навистина тоа претставува директен атак на моралниот лик на човековата личност во целина“, смета Кадриу.

Тој објаснува дека доволна е кривичната санкција која е предвидена во кривичниот законик, и дека сферата на личните податоци и интимната сфера мораат да бидат заштитени, со цел тоа да не се одрази на животната и работната средина на човекот.

Законот за кој ќе расправа Уставниот суд, предвидува во регистарот кој Министерството за труд и социјална политика го води за овие луѓе, покрај другото да се објавуваат личните податоци на осудените, а истите веќе можат да се видат на веб страната на Регистарот за педофили. Уставниот суд реши да го испита случајот и да поведе постапка бидејќи членовите не се доволно прецизни и се навлегува во личниот и семејниот живот на осуденикот, членовите на неговото семејство, како и во личниот и семејниот живот на жртвата.

helsinskiОд Хелсиншкиот комитет велат дека објавувањето на имињата, но и другите лични податоци е во спротивност со членовите 18 и 25 од Уставот на РМ кои на граѓаните им ги гарантираат правата на тајност на личните податоци, личен и семеен живот и заштитата од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.

„Објавувањето би значело продолжување на судската казна, потешкотии при вработување или наоѓање живеалиште за осудениот кој ја издржал својата казна, отворање ризик за напад на осудените од страна на трети лица, како и потенцијална можност за вмрежување меѓу сексуалните престапници“, објаснуваат за А1он од Хелсиншкиот комитет.

Покрај повредата на уставните права на осудените, во реакциите се посочуваат и општествените ризици, како и тоа дека не може да се занемари влијанието на објавените податоци врз достоинството, честа и угледот на семејствата на осудените особено во средината во која живеат и работат.

Кадриу се надоврзува на ова посочувајќи дека човековите права се уставни и загарантирани.

„Сметам дека Уставниот суд е во право што поднел постапка. Мислам дека со самиот факт што Уставниот суд се определил да поведе постапка и финалниот резултат ќе биде позитивен, во смисла на укинување на одредбите на овој Закон“, вели тој.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски изјави дека е шокиран, разочаран и загрижен бидејќи Уставниот суд, решил да ги преиспитува, според него, најбитните одредби од Законот.

„Шокиран сум што Уставниот суд прифати иницијатива од пет педофили и сторители на сексуална злоупотреба кои се осудени за ова кривично дело и отслужуваат казна во тетовскиот затвор. За каков личен и семеен интегритет станува збор со оглед дека ова се лица кои посегнале кон сексуална злоупотреба на малолетни деца, а дел од нив се сторители на сексуално злоставување и педофили кои обљубиле свои биолошки родени деца“, изјави тој.

spiro ristosvskiРистовски апелираше кај Уставниот суд при одлуката да надвладее разумот и волјата за заштита и грижа на децата.

„Каква и да биде одлуката, ние ќе ја прифатиме, но истовремено Владата и Министерството нема да запрат тука. Доколку бидат поништени одредбите од овој Закон ќе продолжиме со нашата интензивна борба со слични и идентични мерки со кои ќе се обидеме да ги заштитиме децата во Македонија“, вели тој.

Друга дилема околу Законот е тоа што во одредбата не се предвидува во кој момент податоците за осудентите ќе и бидат достапни на јавноста, односно дали објавувањето во регистарот треба да е веднаш по правосилноста на пресудата или после издржувањето на затворската казна на осудениот педофил.

Од Хелсиншкиот комитет велат дека тие се против објавувањето на личните податоци како по завршување на судската постапката, така и по издржување на казната.

„Наместо да се посегнува по противуставен метод за превенција, сметаме дека државата треба да ги примени методите кои ги нуди современата медицина, како што се анти-хормоналната терапија (хемиска кастрација) и психотерапијата. За успешна примена на овие методи, потребно е во програмите за ресоцијализација и социјална адаптација за осудените лица кои издржуваат казна затвор да се предвиди засебен третман за сторителите на кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба и педофилија“, порачуваат тие.


Темјана Поповска

ФОТО: Ванчо Џамбаски

Би можело да ве интересира

Обвинение за 63 годишен, допирал 14 годишно девојче во воз

Предраг Петровиќ

Хрватски пејач осуден за детска порнографија

Музичарот педофил претепан и избоден во затвор: „Го држеа како заложник шест часа“

Предраг Петровиќ

Карлос Сантана: Му простив на човекот кој сексуално ме злоставуваше кога бев дете

(ВИДЕО) Се повеќе случаи на педофилија и силување малолетници – Безбедни ли ни се децата?

На адресите ширум Србија пристигнуваат спам мејлови за педофилија: Не отворајте ја поштата

А1он