Од јануари матичните лекари ќе добијат покачување на капитацискиот бод. На средбите со Фондот за здравствено осигурување договориле бодот од сегашните 65 денари, да се покачи на 75 денари од пациент. Покачувањето на капитацискиот бод беше едно од главните барања на протестите и штрајковите што ги организираа матичните лекари цела оваа година. Ветувањата од власта пред пет години беа дека капитацијата од пациент ќе биде 95 денари, но Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари на Република Македонија, вели дека се задоволни и со добиеното покачување.
„Не го добивме покачувањето што ни го ветуваа, но сепак среќни сме што успеавме да направиме некакво поместување. Минавме низ неколку бранови корона, сè живо покапе, од гориво до храна, сите плати се зголемија, само нашиот бод четири години не мрдна. Ние сме реални во барањата и сметам дека секое покачување е за поздравување. Ќе ни помогне да затвориме некои долгови, еве сега ние како приватни здравствени установи имаме обврска да исплатиме К15 за разлика од јавното здравство“, вели Чолакова-Дервишова за „А1он“.
Покачувањето не е единственото барање што Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство им го прифатиле. Чолакова-Дервишова вели дека имале три средби, кои траеле по осум часа, на кои се договарале и законски измени.
Фондот за здравствено осигурување сè уште официјално не ги известил матичните лекари за одобреното покачување. Од таму за „А1он“ најавија објаснување за подоцна.
Матичните лекари очекуваат со најавеното покачување од јануари да почне да се применува и Законот за финансиската дисциплина, со кој треба барем да се преполови периодот за исплата на капитацијата. Според досегашната пракса, покачувањето што ќе го добијат од јануари, ќе им биде префрлено на сметките дури во март оти Фондот доцни најмалку 60 дена со исплатата.