Откако Вилма Русковска го измени обвинението за „Организатори на 27 април“, адвокатите на обвинетите побараа одлагање на рочиштето за да се произнесат дали предметот да се врати во доказна постапка или да се продолжи со давање завршни зборови. Судот прифати да се одложи расправата, но потенцираше дека обвинителот има право да го измени обвинението. Следното закажано рочиште, треба да продолжи со завршни зборови.
„Вие сте искусни и спремни адвокати за секогаш да дадете завршен збор. Главната расправа може да се одложи. Имајќи во предвид дека обвинетите и нивните бранители бараат одлагање за подготовка на завршни зборови, главната расправа се одлага за 6 и 12 јули“, рече судијата Илија Трпков.
Адвокатот Гоце Ристески кој го застапува Спиро Ристовски наведе кои се промените во изменетиот обвинителен акт за неговиот клиент.
„Во текот на доказната постапка, по првичното обвинение, по околностите кои ги наведов, одбраната предложи, а судот прифати и испита 63 сведоци. Во овој момент, одбраната на Спиро Ристовски не може да се произнесе дали понатаму ќе предложи враќање на предметот во доказна постапка или ќе продолжи со давање на завршни зборови, бидејќи денеска е примено изменетото обвинение. Предлагаме главната расправа да се одложи за да одбраната може да се спреми за понатамошниот тек на постапката“, рече адвокатот.
Според адвокатот Дончо Наков постојат пресуди на апелационите судии каде предмети биле враќани на повторно судење, бидејќи на одбраната не и било овозможено по измена на обвинителен акт да даде контра аргументи.
„По изменетиот обвинителен акт, доколку влегувате во фаза на завршни зборови, ниеден од обвинетите не се произнел за правото или признавањето на евентуална вина по изменетиот акт. Ниеден од обвинетите по изменетиот акт, не дал своја одбрана по дејствијата кои се изменети. Ниеден од обвинетите, не е повикан, ако продолжите со завршен збор, да даде контра аргументи и одбрана, во поглед на ваквиот изменет обвинителен акт. Во судската пракса, постојат повеќе пресуди, во кои апелациониот суд го враќа предметот, бидејќи не се пружени правата на одбрана кои ги цитирав. Елементарните. Сметам и сакам да кажам, дека примарните права на обвинетите на одбрана се повредени. Се приклучувам кон предлогот на Гоце, да се даде рок на одбраната, за правата на обвинетите да ви бидат предочени“, рече Дончо Наков.
Исти ставови имаа и останатите адвокати.
„Ова ја менува структурата и концепцијата на завршниот збор, која што како бранител би ја дал за обвинетиот Трајко Вељаноски, измените за Спиро Ристовски ги кажа колегата, а такви измени има и кај Миле Јанакиески. Предлагам во овој момент да ни биде овозможено, да онака како што наведоа колегите, се преструктуираме и подготвиме завршниот збор“, рече Еленко Миланов кој ги застапува Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
Претходно, завршен збор даваше обвинителката Вилма Русковска. Таа кажа дека сè се знаело, се било испланирано, само не се знаел датумот. Според неа, обвинетите не биле изманипулирани, туку знаеле што прават.