Платформа за родова еднаквост: Институционалниот молк го охрабрува сексуалното вознемирување преку интернет

Од:

Жените-активистки за човекови права од балканскиот регион бараат од надлежните институции да постапуваат согласно нивните овластувања за темелно и неодложно да го истражат случајот со групите на платформата Телеграм (како Balkan room, Јавна Соба, Гевгелија Хаб, Српска соба, Смоква и други), да ги санкционираат сторителите и заштитат жртвите од понатамошна виктимизација.

– Точно една година по појавата на ваква група на мрежата Телеграм во Македонија, која се користи за сексуално вознемирување на девојки преку објави на нивни фотографии без никаква согласност, во порнографски контекст, како и лични податоци за жртвите, сведочиме и на нови случаи на ваква злоупотреба не само во државата, туку во целиот регион. И покрај тоа што администраторите и креаторите на две од овие групи се уапсени, сметаме дека тоа е само прв чекор во пристапот до правда кој мора да им биде обезбеден на сите жртви на овој тип на кривични дела, се вели во заедничката изјава на жените-активистки за човекови права од балканскиот регион.

Институционалниот молк, според нив, праќа порака дека насилството врз жените се толерира, дека не е казниво, насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми.

– Случаите во Македонија, Србија и Хрватска покажаа дека против мал број од сторителите се иницираат кривични постапки и дека оние малку сторители кои се гонат, се гонат само за кривичното дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“, со што е оневозможена заштитата на полнолетните жртви, стои во изјавата.

Додаваат дека честопати, жените кои имаат претрпено сексуална злоупотреба онлајн, се соочуваат со несоодветен одговор од страна на институциите, како што е практиката на непостапување, неверување и релативизирање на искуства на жртвите, поради што жртвите не ѝ веруваат на полицијата и сметаат дека пријавувањето е залудно.

Изрекување на прекршочни санкции и опомени за насилниците, наместо документирани и аргументирани кривични пријави, како и несоодветно спроведување на забраните за приближување и контактирање на жртвите резултира со континуирано, засилено насилството, често со сериозни последици по здравјето на жртвите, а во одреден број на случаи дури и смрт, нагласуваат активистките.

Во однос на обвинителствата, велат, постојано забележуваме ненавремено покренување на обвинителни акти, неефикасно или без должно внимание раководење со предистражни и истражни постапки што резултирало со ненавремено или воопшто необезбедување на релевантни докази, како и непреземање на мерки кон сторителот за да се спречи продолжување на насилството кон жртвите.

– Сите овие институционални пропусти станаа уште повидливи со појавата на сексуално насилство и вознемирување на жени во дигиталната сфера, кое иако се случува масовно и брои илјадници жени жртви на Балканот, не добива соодветен институционален одговор, ниту пак соодветна јавна поддршка. Напротив, дискредитирање на искуствата, обвинување, засрамување и двојна виктимизација се доминантните наративи со кои жените се соочуваат, наведуваат активистките за заштита на човековите права.

Според нив молкот на институциите дополнително го охрабрува фунцкионирањето и одржувањето на вакви групи во дигиталниот простор. За проблемот да почне да се решава, сметаат тие, прво мора да се именува.

– Ова не е проблем на злоупотреба на лични податоци, па затоа и не може да се решава преку таков ограничен пристап. Ова е проблем на родово засновано насилство, со цел понижување, уценувње, замолчување и опресија на девојки и жени и доколку не се третира како таков, насилниците ќе успеат во својата цел, се вели во изјавата.

Бараат од Јавните обвинителства во регионот неодложно и темелно да ги расчистат случаите со групите на Телеграм кои претставуваат кривично дело. Бараат од Министерствата за внатрешни работи континуирано да преземаат превентивни активности и да го спречуваат опстојувањето на ваквите групи.

Би можело да ве интересира

Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Платформа за родова еднаквост и Мрежа за заштита од дискриминација реагираат на протестот на МПЦ

Реакција на Платформа за родова еднаквост за изјавите на градоначалникот на општина Струмица

Платформа за родова еднаквост: Кој му даде на Владиката концесија за телевизија да ги „забавува“ граѓаните со опасна, погубна и отровна идеологија против жените?

Ана Ололовска

Марш за женски права – „Ќе преживеат ли жените овде?“

Платформата за родова еднаквост: Ги прашуваме Латас и Лазаров дали да силуваш и да се фалиш со тоа е вредноста која ја промовираат

Катерина Ѓуровски