По големиот интерес за поддршка и потпишување на Прогласот за заштита на македонскиот јазик и книжевност и на македонистиката, којшто вчера го објавија млади македонисти, отворена е и е-форма преку којашто може да се даде поддршка и да се потпише Прогласот. Петицијата којашто може да се потпише електронски е достапна на следнава врска: https://chng.it/z6HLKhccsN
Текстот на Прогласот во целост е достапен и преку е-платформата на којашто е петицијата.
„До овој момент нема одговор од повиканите институции од коишто се бара веднаш, без одложување, Унилатералната изјава на Република Северна Македонија приложена кон записникот од првата политичка МВК да биде повлечена во целост, имајќи предвид дека со неа не се почитуваат востановените научни сознанија и утврдени факти за македонскиот јазичен, книжевен и, воопшто, културен идентитет, зад коишто стои не само домашната и странската македонистика, туку и современата светска славистика, лингвистика, книжевна наука и историографија. Во Изјавата, меѓу другото, не се почитуваат и меѓународно усвоени теории и практики на толкување на фактите поврзани со историјата на словенските јазици во чиешто семејство припаѓа и македонскиот јазик, а, следствено на тоа, и на толкување на фактите за историјата на македонската книжевност и, воопшто, македонската култура. Со научно неточно тврдење изнесено во оваа Изјава, македонската дијалектологија, односно македонскиот дијасистем е сведен само на територијата на државата, спротивно на меѓународните принципи и научно утврдени факти коишто дијасистемот не го поврзуваат со политичките државни граници. Македонската книжевност е сведена на датирање само од 1945 година наваму (имајќи ја предвид употребата на терминот „литературен македонски јазик“, којшто подразбира јазик на литературата/книжевноста), при што, одделно, во Изјавата се алудира само на книжевни остварувања коишто се од поновата книжевна продукција, со што политички се брише македонската книжевна историја“, се вели во соопштението на Млади македонисти.