Пет кандидати за обвинител за врски, меѓу нив се сестрата на Тупанчески и обвинителките што ги гонат Мијалков и Рашковски

Од:

Пет кандидати сакаат да бидат обвинител за врски од Македонија со Европравда. Прв кандидат е ексобвинителка од СЈО, која е актуелна обвинителка во скопското Обвинителство, втора е обвинителка од Обвинителството за гонење организиран криминал, која гони ексгенерален секратар во Владата, а другите тројца обвинители се од скопското Обвинителство. Сите се на листата од која републичкиот обвинител Љубомир Јовески ќе треба да одлучи кого ќе предложи до министерот за правда, Никола Тупанчески. Ова е првпат избор за обвинител за врски со Европравда да се именува по пат на кандидатура. Јовески уште не ја донел одлуката кој предлог ќе го достави до Тупанчески.

Ленче Ристоска е првата што аплицирала. Таа беше дел од тимот на Катица Јанева во СЈО, а сега е дел од скопското Обвинителство, но и актуелен обвинител за врски на Македонија со Европравда. Сака уште еден мандат. Пред две години аплицира за виш обвинител и не беше избрана по што јавно изјави дека е разочарана од Советот на јавните обвинители, во кој членува и Јовески, кој треба да го даде предлогот. Таа ги водеше предметите за масовното прислушување, познат како „Таргет-Тврдина“, случајот за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, „Талир 1“, и предметот со кој се конфискува седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познат како „Талир 2“.

Кандидат за обвинител за врски на Македонија со Европравда е и обвинителката за организиран криминал, Ивана Трајчева. Таа според годишниот распоред беше прва заменичка на обвинителката Вилма Русковска, а потоа остана и прва заменичка на Ислам Абази. Пред судот ги застапуваше предметите, како „27 април“, за упадот во Собранието, „Рекет“ против Катица Јанева и Бојан Јовановски – Боки 13, како и предметот „Еразмус“, каде што гони професори од Економскиот факултет обвинети дека барале сексуални услуги во замена за оценки. Таа го поведе и предметот „Софтвери“ против ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, кој е во фаза на судење. По поведување на обвинението, Русковска за Трајчева изјави: „Јас искрено се надевам дека нема да трпи последици“. Обвинителката Трајчева беше реизбрана за обвинителка во Обвинителството за гонење организиран криминал по што доби и кривична пријава од Арафат Муареми, поранешен прв човек на Финансиската полиција. Поради постапувањето по предмет против Муареми, а по направен извештај од Републичко обвинителство, против неа беше поведена и дисциплинска постапка за која нема разврска.

Наташа Гоџовска е третата кандидатка за обвинител за врски во Европравда. Таа го водеше предметот против дадилката што тепаше дете во скопско кафуле, а се повлече од предметот за смртта на малата Тамара. Обвинителката го водеше и предметот за сообраќајната несреќа, во која загина студентката Фросина Цековска. Но, кај Гоџовска има и конфликт на интереси бидејќи таа е сестра на Тупанчески, кој како министер за правда треба да го именува обвинителот за врски по предлог на Јовески.

Последни двајца се обвинителите Дејан Петрески, кој е кадар на Академијата за судии и јавни обвинители, и Александар Марковски. Двајцата се од скопското Обвинителство. Петрески ѝ беше заменик на дежурната обвинителка Зорица Павловиќ во моментот кога избувна пожарот во тетовската модуларна болница. Петрески заедно со Павловиќ вечерта биле на терен и ги издале потребните наредби за потоа тетовското Обвинителство да го преземе овој случај. Името на обвинителот Марковски не се поврзува со ниеден поголем предмет за кој знае јавноста. Тој во скопското Обвинителство води предмети за измами и кражби.

Јовески изборот на кандидат за обвинител за врски меѓу Македонија и Европравда треба да го направи во најкраток рок во согласност со Правилникот за предлагање јавен обвинител во институции. Потоа, Тупанчески ќе може да го прифати, но и да го врати предлогот за обвинител за врски. Обвинителот за врски работи со судовите од земјите членки на ЕУ и треба да ги олесни истрагите за сериозен прекуграничен организиран криминал.

Би можело да ве интересира

ГРЕКО бара испитување на имотот на пратеници и судии, како и правила за подароци за обвинителите

Орце Костов

Здружението на јавни обвинители реагира по најавените законски измени за платите

Ние сме мала земја со многу јавни тајни и малку разрешници, кажа Грковска на дебата за Законот за конфискација

Штрајкуваат обвинителите – бараат зголемување на платите за 78 отсто

А1он

OJO: Мал број обвинители, а многу работа, се намалија заостанатите нерешени предмети

Грковска: Судиите и обвинителите мислат дека се политичари, одлуките ги носат врз основа на политичка проценка

Орце Костов