Со презентирање на новата иновативна терапија составена од биолошки лекови и под мотото „Има живот и после ракот, научи како да го живееш“, се одржа дванаесеттата годишна Национална конференција за рак на дојка.
Како што соопшти организаторот на собирот, Здружението БОРКА – за секој нов ден, говорниците испратија силна порака до сите жени дека превенцијата, раното откривање и редовните прегледи е основниот и првиот чекор во борбата против ракот на дојка.
Министерот за здравство Венко Филипче нагласи дека иновативната терапија во форма на биолошките лекови, што од неодамна се достапни и за пациентите во Македонија, ги претставува европските и светските тенденции во онколошкиот третман.
– Создавањето здравство за сите граѓани е главен приоритет на Министерството за здравство. Во тој контекст правиме се, онколошките пациентите што подобро и побрзо да го надминат тој тежок период. Набавката на иновативната биолошка терапија, што се практикува веќе насекаде, претставува значаен чекор и најсилниот удар во борбата против ракот, вклучително и ракот на дојка. Со централизирана набавка се обезбедени над 30 молекули скапа биолошка терапија која не е на позитивната листа на лекови, за да им биде достапна на пациентите во болниците. Достапноста на иновативната терапија значи можност пациентот навремено да добие соодветна дијагноза, третман и грижа за своето заболување. Се внимава и се воведуваат најсовремените дијагностички и терапевтски пристапи, како двојното читање на мамографиите од два независни читачи-радиолози кои имаат искуство во читање на мамографии од минимум 800 пациенти а мамографскиот скрининг се организира согласно Европските насоки за обезбедување квалитет со цел максимално да се зголеми стапката на детекција на ракот на дојката и тоа во најраната можна фаза, истакна Филипче.
Претседателката на здружението за борба против рак БОРКА, Биба Додева нагласи дека нејзиното здружени уште од формирањето во 2007 година активно учествува и се бори за остварувањето на правата на пациентите во здравствениот систем, врши едукација и подигање на свеста за ракот како болест која е можно да се излекува, дава психо-социјална помош и поддршка на пациентите заболени од рак и нивните семејства, лобира за подигнување на стандардот и третманот на пациентите заболени од рак во Македонија и се грижи за нивна ресоцијализација и реинтеграција во системот.
– Во тој контекст достапноста до новите ефикасни терапии кои даваат можност за излекување, овозможуваат подобар квалитет и го продолжуваат животот на пациентите е она кое се стремиме да го добиеме и за кое министерот Венко Филипче, заедно со директорите на ФЗОСРМ, последниве години имаа слух и овозможија набавка на голем број современи третмански опции. И после ракот има живот, и заедно со релевантните институции во иднина ќе се бориме да го овозможиме тоа за сите пациенти, изјави Додева.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев истакна дека според податоците за 2018 година во јавното здравство се реализирани 986 болнички третмани на пациенти со дијагноза карцином на дојка, од кои 756 биле хируршки третирани, а останатите 230 конзервативно, при што се фактурирани услуги во висина од 36,6 милиони денари – 29,8 милиони за хируршки третман, а останатите за конзервативно лекување.
– Годинава на Клиниката за торако-васкуларна хирургија и на Клиниката за пластична хирургија се планирани преку 4 милиони денари за вградување импланти и реконструкција на дојка по мастектомија или вродени аномалии на дојка за 52 пациенти. Секако во најдобар интерес на нашите најблиски и на целокупното општество останува подигнувањето на свеста за рано откривање на болеста преку самопреглед, редовни превентивни контроли и рана дијагностика во здравствените установи заради обезбедување навремена и соодветна терапија, изјави Дончев.
Како што соопшти здружението БОРКА, според податоците од Светската здравствена организација (СЗО), ракот на дојка е најфреквентен тип на рак кај жените во светот, во Европа е со инциденца од околу 500.000 случаи годишно. Според проценката на истражувачката агенција Глобокан, во 2019 година во земјава ќе има околу 1.200 ново дијагностицирани случаи годишно, односно секој ден во нашата држава ќе се дијагностицираат по три до четири жени со овој малигном.
Во европски рамки 20 до 30 проценти од случаите на рак на дојка се јавуваат кај жени помлади од 50 годишна возраст, а 33 отсто кај жени од 50 до 64-годишна возраст. Карциномот на дојка е најчестиот тип на канцер кај жените, а смртноста од овој вид карцином е на прво место кај жените.
Според СЗО, во земјите каде што има имплементиран скрининг, морталитетот може да се намали до 35 отсто. Во нашата земја беше започнат скринингот, но овој период се реоформуваат групите и дијагностичките места, со оптимизам дека наскоро ќе почне да функционира бидејќи раната дијагностика спасува живот, се нагласува во соопштението на БОРКА.
Здружението БОРКА – за секој нов ден, веќе 12-та година како полноправен член на најголемата европска асоцијација Еуропа Дона (Еуропа Дона Македонија), ја организира Национална конференција за борба против ракот на дојка и со тоа и земјава е дел од глобалната светска акција.