Познатиот пензионерски дом во Гевгелија, кој со години е собиралиште на луѓето од третата доба на животот, со интервенција на Општината остана без својата основна намена и деновиве прерасна во кафеана. Над трите илјади пензионери од општината, од кои повеќето активни членови во неколку секции и клубови (спортски, културни, музички и инструментални) останаа без простор за дружба, освен единствената канцеларија оставена на користење на раководството на Здружението.
„Амин“ на ваквите случувања даде лично старо-новиот градоначалник на Општината, прогласувајќи ги општествените простории на Здружението на пензионери за општински, за подоцна нив да ги остави под закуп на угостител. Дека мириса работата на профитерство зборува фактот што новата кафана ја опслужува дедото на поранешен советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од Гевгелија, кого градоначалникот за време на целиот мандат го амнестираше од одговорноста на користење на двојни функции, оставајќи го да биде и советник ,и директор на Средното општинско училиште во Гевгелија.
Крајно лицемерно е што сега старо-новиот градоначалник на општина Гевгелија покажува наводна грижа за пензионерите, коментираат тие, па најавува дека во наредниот период општината ќе помогне во опремувањето на овие домови со најразлични реквизити за друштвени игри.
„Дали новокупените домина, пикада и шах-табли можат да го надоместат одземениот простор“, прашуваат со неверување пензионерите од Гевгелија.
Раководството на Здружението на пензионерите се обиде да отвори уште пет пензионерски домови во општината, во населените места Миравци, Прдејци, Негорци, Богородица и Мрзенци. Дали реновираните стари руинирани селски простории можат да ја надоместат децениската традиција на активности на ЗП од Гевгелија ќе покаже времето.
А. Д.