СДСМ оценува дека според публикуваниот извештај за работата во изминатата година на власта, политиките спроведувани на внатрешен и на надворешен план претставуваат континуитет на, како што велат, лошите политики кои биле спроведувани во изминатите пет години, изјави на денешната прес-конференција Стево Пендаровски, претседавач на Советот на СДСМ за безбедносни прашања и НАТО интеграции.
Тој од набројаните стратешки приоритети на Владата во Отчетот, се осврна и на интегрирањето на земјата во ЕУ и НАТО.
Во овој момент, Македонија нема ниту еден стратешки партнер кој може да ни помогне во евроатлантланските интеграции. И тие неколку што ги имавме во Букурешт, повеќе не се зад нас, а Турција во оваа смисла не може многу да ни помогне затоа што и самата не е целосно интегрирана во тие организации, рече Пендаровски.
Според СДСМ, за клучниот проблем кој ги кочи интеграциите не постои никаква суштинска активност.
Главна причина за ова, според нас е нејасниот став на државниот врв дали да учествува во реални преговори кај Нимиц или и понатаму да ја користи Хашката пресуда, чија употреба изминатава една година не произведе апсолутно никаков позитивен политички ефект. Во однос на нужноста од градење на заедничка државна позиција за името неодамна чувме децидна изјава на премиерот дека тој нема намера да влегува во такви разговори со актуелните лидери на опозицијата. Тоа, по дефиниција, ја слабее преговарачката позиција на земјата, рече Пендаровски.
Тој додаде дека за промоција и заштита на интересите на државата и по Устав и по закон треба да се грижат и највисоките дипломатско – конзуларни претставници. Македонската дипломатија, како што рече, нема капацитет да се грижи за националните и државни интереси надвор од нашите граници.
СДСМ со забелешка што во отчетот не се спомнува општата безбедносна ситуација во земјата.