Со одлуката на Владата за финансиска поддршка на општините и единките кориснички за раздолжување на 51 процент од пријавените неплатени обврски заклучно со 30 септември 2018 година, во Општина Берово започна решавањето на голем проблем со кој полека се враќа довербата кај стопанството.
Ова денеска на прес-конференција во Берово го истакна градоначалникот Звонко Пекевски, кој рече дека долговите кои се наследени од претходното владеење значително ја отежнуваат работата на локалната самоуправа и не овозможуваат развој на Општина Берово.
-Во изминатиот период општина Берово успеа наследениот долг од 22 милиони денари да го намали на 16 милиони денари. Во минатото се трошело неплански, ненаменски и расипнички на целосна штета на граѓаните, општината и на проектите кои чекаат реализирање, а беа запрени заради големите долгови. Со мерката на Владата на Република Македонија за раздолжување на општините се решава наследениот проблем со долгот со што и се ослободуваат повеќе средства за развојни проекти во интерес на граѓаните, истакна Пекевски.
Додаде дека со одлуката за раздолжување стопанството ќе ја врати довербата кон Општина Берово, а општината ќе се развива низ финансиска стабилност и тековна ликвидност.
Со одлуката на Владата за раздолжување на општините очекувањата на општина Берово се преку неповратните и строго наменски средства за раздолжување на општините, граѓаните да добиваат сервис на услуги, фирмите доверители да си ги добијат парите, а преку новиот механизам за планирање на приходите само 10 проценти зголемени од просекот од последните три години да се спречи акумулирањето на долгови со што силно би се зајакнал фискалниот капацитет на општината.