Во пехчевското село Робово од денеска започна приклучување на домаќинствата од селото на новоизградената канализациска мрежа која е во должина од 1.150 метри.
Градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски, кој денеска беше во посета на селото Робово и оствари средба и со граѓаните од ова село истакна дека жителите на Робово, конечно, ќе го решат горливиот проблем со фекалната канализација со што ќе се придонесе и за заштита на животната средина.
– Проектот „Изградба на канализациски систем за отпадни води во с. Робово“ доби најголема поддршка од граѓаните на Општината кои учествуваа на Форумот за води во рамките на повикот за мали инфраструктурни проекти од Проектот за управување со речниот слив на р. Брегалница и овој проект претставува еден од поголемите инфраструктурни зафати во с. Робово, рече Поповски.
Изградбата на новата канализација чини 3.024.180 денари, додека проектот е финансиски поддржан од страна на Државниот секретаријат за економски работи (SECO) на Швајцарската Конфедерација со 67 отсто и 33 отсто од буџетот на Општина Пехчево.