Инспекторите на Пазарна инспекција влелге во 200 фирми каде контролирале цени на производи, залихи, почитување на законските прописи и владини одлуки. Директорката Анета Симеска-Димоска кажа дека кај 41 субјект имало постапување спротивно на Законот за трговија, а 19 не ја почитувале одлуката за посебни услуги во трговијата. Меѓу трговците, има 18 кои добиле казни поради тоа што не ја почитувале ограничената маржа донесена од Владата.
„Казните не се мерило дека ја бркаме работата или имаме ефикасност во работењето, бидејќи кога ќе се појавиме на терен, трговците веднаш ги менуваат и усогласуваат цените. Тоа што сме на терен постојано има резултати и овој момент имаме се помалку пријави каде има реакции дека нема одредени производи во маркетите. Најбројните пријави се дека нема леб, масло, брашно“, вели Анета Симеска-Димоска.
Инспекторите затекнале и маркет кој набавил масло по стара помала цена, а ја продавал по нова и поголема. Таму биле вратени цените според тоа колку е набавено.
„Кај производителите на масло е направена проверка и сакам да информирам, пренесам дека само кај еден од производителите каде е завршена контролата има рафинирано масло кое е спремно за пакување, во доволно во количини за три месеци. Имаме и дополнително суровина доволна за три месец. Во овој момент немаме проблем. Има залиха од 100.000 литри кои ќе се дистрибуираат кај трговците, согласно побарувачката. По однос на цената таа е во рамки на очекуваното со минимални зголемени трошоци во однос на тоа како се продаваше маслото изминатиот период, околу стотина денари до 104 денари“, додава директорката на Пазарна инспекција.