Дојче Веле
Од мир – во војна и смрт. Вака завршија животите на тројца Албанци од Македонија, учесници во борбите меѓу бунтовничките и силите на сирискиот претседател Башар ал Асад. Во мај годинава загина 28-годишниот Расим Зеќири од гостиварското село Беловишта, кој од Австрија заминал во Сирија и се борел на страната на опозициското движење „Јабха ел-нусрах”. Неодамна беше убиен и Сами Абдулаху, оџа од Скопје, кој бил оџа и во Бремен, Германија, од каде заминал на сирискиот фронт. Последната жртва е 38-годишниот Имер Ниметула од скопското село Грчец, кој во Дамаск стигнал исто така од Германија.
Македонија не може да е предмет на санкции, бидејќи на нејзина територија не е организирано заминувањето на борци во Сирија, велат експерти.
Нема регрутација на македонско тло
Овие случаи го отвораат прашањето – може ли Македонија да има импликации поради индивидуалното учество на нејзини државјани во борбени активности во Сирија. Според универзитетскиот професор Стево Пендаровски, засега нема таква опасност.
– Сите држави- членки на ОН имаат обврска да спречат активности на поединци или групи насочени кон изведување, поттикнување или помагање на терористички активности, меѓутоа, само ако тие активности – обука, оружје, финансирање и логистика, се спроведуваат на нивна територија. Според јавно достапните информации, трите лица по потекло од Македонија кои загинаа во Сирија, не биле подготвувани ниту регрутирани на македонска територија, туку тоа го направиле преку други држави, во случајов преку Австрија и Германија. Во овие случаи Македонија не може да е предмет на санкции, освен во ситуација кога надлежните институции би располагале со податок дека токму од кај нас е организирано нивното заминување во Сирија, објаснува Пендаровски.
Македонија нема амбасада во Сирија, па Министерството за надворешни работи нема информации колку македонски државјани заминале во таа земја. Од Министерството за внатрешни работи велат дека активно ги следат сите состојби од безбедносен интерес на Македонија.
– Со службите од регионот разменуваме информации, но сознанијата за индивидуални учества во борби во Сирија и во други кризни региони се оперативни и не се знае точниот број на лица што заминале таму. Се надеваме дека тоа нема да има импликации за Македонија. Земјава учествува во глобалната коалиција за борба против тероризмот. Ако има ризик, подготвени сме да реагираме, вели помошникот – министер за информации, Иво Котевски.
Опасност од одмазднички акции
Ако нема опасност од меѓународни санкции, не треба да се исклучи опасноста од акции со одмазднички карактер, смета поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов. Според него, учеството на македонски државјани во сириските воени или паравоени формации е сериозен безбедносен проблем за Република Македонија.
– Сирија или нејзините сојузници можат да преземат одмазднички активности, со што можно е да ги загрозат нашите дипломатски претставништва и други наши интереси. Второ, припадниците на паравоените формации по враќањето можат да преземат некои радикални активности и во Македонија. Учеството во странски воени сили е спротивно на македонските закони и треба сите тие учесници во паравоени или воени формации да сносат и кривична одговорност. Државните институции, пред се, безбедносните служби, имаат обврска да ги следат ваквите појави и да дејствуваат превентивно, вели Трајанов.
Тој потенцира дека опозицијата во Сирија има меѓународна поддршка и дека регрутацијата на „борци” во нејзините редови некогаш го вршат моќни центри.
Неофицијално, на страната на опозицијата во Сирија војуваат околу 140 Албанци од Косово, Албанија, Македонија и Црна Гора.
Различни мотиви
Мотивите за заминување на доброволци во Сирија различно се декларираат – од верски, преку економски до авантуристички. Новинарот Ким Мехмети кој живее во Грчец, родното село на последната жртва во борбите во Сирија, вели дека таму нема информации за некакво организирано заминување.
– Мислам дека се работи за лични причини. Многу слично како во времето кога доброволци заминувале во шпанската граѓанска војна, уверен е Мехмети.
Според аналитичарот Рамадан Рамадани, станува збор исклучиво за верска и човечка солидарност поради геноцидот против сунитските муслимани.
– Тврдењата дека некои таму заминуваат за заработка, се целосно неточни. Економските мотиви не се причина за заминување во Сирија. Во светот има многу побезбедни места каде се оди на печалба, вели Рамадани.
Со оглед дека верската солидарност е најчестиот мотив, нејасно е дали верскиот повик за мобилизација е внатрешен порив или организиран чин. Абаз Исљами, портпарол на Исламската верска заедница, вели дека ИВЗ се занимава со развој на верскиот живот и нејзина цел е да ги едуцира верниците за почитување на мирот, соживотот и толеранцијата меѓу верите.
– Никогаш од редовите на ИВЗ не излегле пораки за војување, туку пораки за реализирање на луѓето на верски план, во мир и во своето општество. Лицата што во име на верата заминуваат во региони зафатени со конфликти се изманипулирани од непознати организации. Изборот е нивен и само тие знаат за чии интереси и за какви идеи се борат. Жал ни е што се губат човечки животи, што муслимани се борат против муслимани, но не е наша надлежност да водиме контрола кој заминал на Исток, а кој на Запад, вели Исљами.
Денес решение-утре проблем
Во Европа со внимание се следи концентрацијата на доброволци – верски или милитантно мобилизирани на страната на опозициските сили во Сирија.
Професорот Питер Нојман, директор на Меѓународниот центар на Кингс колеџот за студии за радикализација, предупреди дека ако конфликтот во Сирија потрае со години, таа замја може да биде нова точка на собирање на милитанти.
– Ако џихадистите можат да воспостават сигурно засолниште и центри за обука, од таму ќе доаѓаат нови генерации, исто како што беше во случајот во Авганистан, изјави Нојман за британски медиуми.
Според проценките на Меѓународниот центар на Кингс колеџот за студии за радикализација, од почетокот на борбите во Сирија меѓу 2.000 и 5.000 борци учествувале во воените операции на страната на опозицијата. Најмногу ги имало од Британија, Белгија, Холандија, Франција, Данска, Германија, Ирска и Финска.