По околу шест часа, 11-те приведени паркобрани, меѓу кои советник во општина Центар и директорот на „ЈП Паркинзи Центар“, Саша Богдановиќ се пуштени на слобода.
Во раните утрински часови, околу два часа по полноќ, на местото каде што логоруваа паркобраните, чувајќи го просторот од изградба на нова барокна зграда („Совет за радиодифузија“) упадна огромно полициско обезбедување.
Како во акционен филм, со наеднаш згаснати улични светилки се проверуваа десеттината лица. Правен им е алко-тест, кој што покажал 0 промили алкохол во крвта на паркобраните. Во еден од шаторите пронајдено е само полу-испиено шише пиво од 1.5 литри.
И по овој неуспешен обид, поседувањето алкохол да биде причина за приведување на овие лица, полицајците кои беа во огромен број, ги собраа и ги префрлија во полициска станица. Иако добивале наредби да ги држат што подолго, по шест часа сфатиле дека сето тоа е бесцелно и контрапродуктивно и се ослободени со прекршочни пријави со казна од 50 евра за нарушување на јавната чистота.
Директорот на ЈП Паркинзи Центар Саша Богдановиќ на местото пред “Бристол“ пристигнал откако лицата биле уапсени и однесени во полициска станица. Богдановиќ вели дека таму дошол по повик на граѓани бидејќи бил узурпиран паркинг простор во сопственост на општината. Наеднаш и Богдановиќ се нашол меѓу уапсените и еден час, како што вели бил држен долу, во подрумите на полициската станица “Пролет“.
Тој одбил да го потпише записникот и изречената казна.