Здруженијата за заштита на животните “Срна” и “Срце за животните” се шокирани од рекламата на маркетите на “Тинекс” објавен во вчерашниот број на Дневник, каде пишува дека на овие две здруженија им биле доделени донации од 5,5 милиони денари во 2012 година и 400.000 денари во првите три месеци од годинава. Тие сметаат дека се злоупотребени за време на изборната кампања и бараат извинување од кандидатот за градоначалник на Скопје Владимир Тодоровиќ.
Здруженијата потенцираат дека никогаш не примиле толкава сума пари, а “Тинекс” донирал единствено сув леб со поминат рок. Активистите за заштита на животните одбегнуваат да видат инволвирани во било какви кампањи, со оглед на тоа што нивните сметки се речиси празни, а коректно било макар да објават дека донацијата не е во пари туку во противвредност од леб со поминат рок.
Тинекс е поддржувач на правата на животните и за оваа цел донацијата на здруженијата во 2012 година изнесуваше 5.500.000 денари, а во првото тримесчје од 2013 година 400.000 денари, пишува во рекламата на Тинекс објавена во Дневник.
Подолу, напишана е и изјава од Радмила Пановска, активист во здружението Срна, која вели дека “хуманоста на Тинекс овозможила илјадници кучиња на територијата на град Скопје да бидат згрижени и нахранети”.
Пановска тврди дека се шокирала кога го видела своето име на рекламата од Тинекс, бидејќи здружението, како што вели, освен стар леб, никогаш не примила друга донација.
Во последните 4 години до Тинекс имавме поднесени молби за донација за прехрамбени производи со поминат рок со кои нашите активисти ќе ги хранат бездомните кучиња. На нашите активисти на одредени локации им беа носени одредени лебови и лиснати теста со поминат рок, за што сме им многу благодарни.
Но, да се напише лага дека 5.5 милиони се дадени на Срна без да наведат за што се потрошени и дека не се дадени во пари, туку во производи со поминат рок не е никаква хуманост и помош на заедницата како што е напишано во рекламата. Ова е најголема измама и срам за кандидатот за градоначалник кој во својата кампања сака да се покаже дека е голем хуманист, а всушност се служи со највалкани лаги и измами и јавноста ја доведува во заблуда дека на друштвата се донираа големи пари.
Да беше така, за 90 илјади евра ќе изградевме стационар за бездомните животни и немаше тие да бидат третирани на нехуман начин , вели Пановска.
Таа бара Тинекс јавно да им се извини и на граѓаните и на активистите за објавената реклама.
Ми се јавија од Тинекс маркетите дали ќе потврдам дека ни помагале со стар леб и јас изјавив дека тоа е точно, но не знаев дека тоа ќе биде вака искористено и дека ќе произлезе дека ни донирале пари . Со оглед на тоа што еден стар леб се продава за околу 8 денари, произлегува дека Тинекс донирал околу 57 илјади стари лебови месечно за бездомните животни, вели Пановска.
Од Тинекс ни изјавија дека вредноста на лебот што го донирале е толкава и дека во нивната реклама, објавена два дена пред изборите, немало ништо неточно.
Мери Јордановска