Во изминатиот период покажавме како се сака Кавадарци. Наместо празни зборови, ветувања, лаги и манипулации, понудивме нов плоштад, нова црква, обновени училишта и обновени градинки, нов кеј на реката Луда Мара, санирана финансиската состојба на ЈП Комуналец и решено водоснабдување, рече денеска на прес-конференција Александар Панов, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.
Осврнувајќи се на сработеното во досегашниот мандат, Панов нагласи дека е остварена историски рекордна понуда на комунална изградба, нов Музеј, преку 40 километри нови патишта,… Тој ја спомна и инвестицијата на Дрекслер Мајер која ќе овозможи, како што истакна, нови над 4.000 вработувања.
– Во наредниот период ќе бидете бомбардирани од понуди и ветувања за се и сешто. Тие се со само една цел, грапчење на фотелјата и на гола власт. Наместо лаги, лажни надежи, манипулации, ВМРО-ДПМНЕ и јас како нејзин кандидат за градоначалник нудиме дела со кои ја покажуваме љубовта кон Кавадарци. Зад нашите ветувања стои нашиот кредибилитет за веќе завршените дела, посочи Панов.
За наредните четири години најави изградба на подземен коридор и проширување на плоштадот, продолжување на кејот на реката Луда Мара до Брушанскиот мост, аква парк, нова детска градинка, нова зграда на противпожарната служба, нови фасади на улицата „Илинденска“, нов асфалт за сите главни улици, асфалтен пат до селото Дисан, Сопот и Рибарци, деловно трговски центар, доасфалтирање на регионалниот пат до Мушав гроб, нов асфалт и проширување на патот до селото Крњево.
– Ова се само дел од нашите дела кои ги ветуваме во наредниот период од четири години. Ова се само дел од 166-те проекти за Кавадарци и кавадарчани. Ова е начинот на кој ние ја изразуваме љубовта према нашите сограѓани, рече Александар Панов.