Панорамаско тркало ќе ги лапне парите за водоводи, канализации, чистење на канали, реагенси за испитување на крв…

Од:

Летово почна со изградба системот за водоснабдување во скопската населба Шуто оризари кој се гради со кредит. Проектот чини помеѓу 2,9-3,9 милиони евра и за неговата реализација Град Скопје, Општината и јавното претпријатие се задолжија со рок на отплата на долгот од тринаесет години.

Како што јавноста може да се увери летово почнува со изградба и контроверзното панорамско тркало кое ќе ја чини државата 18,3 милиони евра. Се уште не е одлучено како ќе се обезбедат овие пари. За сега најбогатата државна институција АЕК донираше еден милион евра за почеток на градежните работи.

Панорамското тркало е еден од најнелогичните зафати во центарот на главниот град. Мноштвото граѓани не го прифаќаат и не ја разбираат потребата. Дополнително зачудува фактот што државата се задолжува со кредити за елементарни инфраструктурни проекти кои чинат многу помалку и кои се од суштинска важноста за граѓаните. Откако градежна механизација почна да работи на локацијата каде треба да се подигне тркалото, јавноста негодува.

„Како е можно да има пари за панорамското тркало, а во прилепската болница да нема реагенси за испитување на крвна слика на пациентите“, коментираат граѓаните.

Професорката Мирјана Најчевска предложи мораториум на непродуктивните трошења додека траат преговорите за стабилизација на политичката криза.

„Пред било што да се разговара и договара мора да се прогласи мораториум на трошење на буџетските пари за непродуктивни цели, стопирање на било какви нови градби во рамките на проектот 2014 и секако стопирање на нови вработувања во државната администрација“, пишува Најчевска.

Координаторот на градските советници на СДСМ, Дамјан Манчевски, кој учествува во преговорите меѓу партиите, вели дека ова прашање не е предвидено, но дека може да биде дел од преговорите доколку прифатат другите страни.

„Нови теми не можат да се стават на маса. Ние може да разговараме за тоа, но таму не им е местото. Ние секако ќе побараме, меѓутоа дали некој ќе прифати воопшто да разговара за таа тема тоа е нешто сосема друго. Ќе видиме колку ќе можеме да го операционализираме преку договорот“, вели Манчевски.

Според него, распределбата на јавните пари во овој период е прашање што треба да се постави на друга адреса. Нема потреба од преговори, вели тој, туку од политичка волја. Одлучувачки фактор, пак, за изградба на панормаското тркало, додава, се граѓаните и нивната подготвеност да реагираат или да се спротивстават.

Оваа година, инаку, само преку Град Скопје ќе се потрошат над 40 милиони евра за зафати во центарот на градот кои јавноста не ги одобрува. Тука спаѓаат реконструкции на фасади во барокен стил, изградба или реконструкција на плоштади, фонтани, споменици и нова вртелешка. Преку Министерството за култура, пак, ќе се издвојат околу 8 милиони евра за подигнување на нов споменик во чест на Мајка Тереза.

Овие пари можеа да се искористат за чистење на коритата на реката Пена во Тетово, за изградба на канализациона мрежа во Прилеп, или државата воопшто да не се задолжува со кредит за водоводот во Шуто Оризира туку истиот да се изгради со буџетски пари. Истото важи и за зградата на ЈП „Водовод и канализација“ за чија изградба беше подигнат кредит од 7,3 милиони евра.

Во 2012 година кога пратениците на опозицијата беа исфрлени во Собрание, СДСМ имаше поднесено амандмани по буџетот за 2013 година со кои се бараа пренамена на непродуктивните трошења во насока на расчистување на каналите во Пелагонија и Полог, тврди Манчевски. Амандманите, вели тој, беа токму за тоа да се превенира она што сега се случува.

„Цело време како советничка група поденсуваме амандмани на буџетот на Град Скопје целосно да се прекин со изградбата на панорамското тркало, со рефасадирање на зградите во барок, да се прекине со изградбата на зградата за „Водовод“, и ред други непродуктивни проекти. Како и овој манијакален мегаломански споменик на Мајка Тереза од 8 милиони евра, целосно спротивно на се она за кое што таа се залагала. Тоа не е од Градот, но сепак е уште една ставка од јавните пари што можат попрактично да се применат и да расчистат каналите во полошко. Без разлика преговори или не, тоа го баравме до сега и ќе продолжиме да го бараме“, вели Манчевски.

За процесот и фазите на изградба на панормаското тркало не е информирана ниту јавноста, ниту советниците на Град Скопје.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Тројца истепани во угостителски објект во Градскиот парк во Скопје

Земјотрес во Скопје

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Пожар во куќа зад Универзална сала

Катерина Ѓуровски

Се судрија две возила, во сообраќајката повредена е малолетничка од Скопје

Комшија чува кокошки во зграда во Скопје, не знаат каде да пријават – законот јасен, ни маче и куче не смее да се чува на тераса

Анита Петровска Рајковиќ

Уапсени двајца скопјани затекнати како се дрогираат во стан на дилер од Скопје – уапсен и дилерот