Пациентите со мултипла склероза бараат пристап до дијагностика и третман без ограничувања

Од:

Под мотото „Точната дијагноза го менува животот: глобален повик за рана и прецизна дијагноза на МС“, Националното здружение за мултипла склероза организираше настан по повод Светскиот ден на мултипла склероза, кој секоја година се одбележува на 30 мај.

На настанот на кој присуствувале здравствени работници, претставници на институции, пациенти, негуватели и други, претседателот на Здружението, Ана Карајанова Димитрушева, во своето обраќање ги истакнала најголемите предизвици со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза (МС) –рана дијагноза и следење на болеста, како и ограничен пристап до соодветна терапија – особено кај новодијагностицираните пациенти и оние кај кои е потребна промена на третманот кон повисоко ефикасен лек.

Како што денеска соопштија од Националното здружение за МС, присутните биле информирани дека благодарение на зголемениот условен буџет на ЈЗУ Универзитетската клиника за неврологија Скопје, одобрен од Фондот за здравствено осигурување, оваа година е овозможен третман за поголем број пациенти со МС.

– Но, и покрај овој позитивен исчекор, остануваат значајни предизвици меѓу кои се ограничениот пристап до МРИ дијагностика, како и немањето можност за подигнување или примање терапија надвор од клиниката за неврологија, се вели во соопштението.

Во рамки на настанот биле прикажани и три видео сведоштва од пациенти со МС кои на емотивен и автентичен начин ги опишале своите предизвици со патувањето до клиниката за подигнување/примање на терапијата, трошоците, времето, заморот. Тие упатија апел до институциите за дисперзија на терапијата во други здравствени установи.

– Според анкетата на Здружението, огромно мнозинство пациенти веруваат дека дисперзијата на терапијата директно ќе го подобри нивниот квалитет на живот; ќе овозможи подобро искористување на капацитетите на секундарното здравство и намалување на оптовареноста на клиниката. Огромното мнозинство пациенти се изјасниле дека сакаат да ја примаат или подигнуваат својата терапија поблиску до домот, се додава во соопштението.

На настанот бил упатен и апел до надлежните институции да овозможат пилот-програми за третман на МС во здравствени установи како ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ Скопје, ЈЗУ Клиничка болница Штип и други регионални установи, каде што постојат услови, кадар и експертиза.

Националното здружение за МС со оваа активност се придружи на глобалната иницијатива предводена од Интернационалната МС федерација (MSIF) и над три милиони лица кои живеат со МС ширум светот, со цел да се подигне свесноста, да се олесни раниот пристап до дијагностика и третман и да се подобри животот на сите засегнати од оваа хронична невролошка болест.

Во државава од МС боледуваат повеќе од 2200 лица додека во светот има повеќе од три милиони лица. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 години, и околу два-три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.

Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.

Би можело да ве интересира

Марш за подигнување на свеста за проблемите на лицата со мултипла склероза

Се намалува возраста на пациенти со мултипла склероза во земјава, ги има и под 10 години

Здружението за поддршка на лица со мултипла склероза бара да се преиспита одлуката за адаптација на Неврологија како Ковид центар

Ана Ололовска

Здружението за лица со мултипла склероза: Упативме прашања до 12 политички партии, одговор добивме од една

Ана Ололовска

Одбележување на Светскиот ден на мултипла склероза

Ана Ололовска

Одбележување на Светскиот ден на мултипла склероза

Ана Ололовска