Претставници на Советот на родители во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга денеска имаа средба со струшкиот градоначалник Зијадин Села за надминување на проблемот со немањето електрична енергија во училиштето.
На средбата, како што соопшти Советот на родители, било договорено училиштето да поднесе тужба против ЕВН, во која ќе побара времено решение за пуштање на електричната енергија затоа што училиштата се од јавен интерс. Градоначалникот, пак, како што е неведено, ветил дека ќе побара од општинскиот Совет на првата седница да одобри пренамена на средства од Буџетот за плаќање на долгот од училиштата во кои е исклучена струјата.
Девет од 11-те основни училишта во Струга и струшко од почетокот на учебната година немаат електрична енергија поради долг од околу два милиони денари за неплатени сметки од ноември минатата година.
Градоначалникот изрази подготвеност за плаќање на долгот доколку ЕВН им овозможи плаќање на рати. Општината минатата година презема плаќање на долгот за електрична енергија од околу 6.300.000 денари во основните училишта, а во меѓувреме поради блокираните сметки на училиштата, се наталожил нов долг.
Од ЕВН Македонија посочуваат дека токму бидејќи се работи за образованието, за училиштата и за децата и досега правела отстапки, а ќе биде отворена и понатаму за наоѓање решение.
– По се изгледа овде не се работи за наоѓање решение, туку за негово одлагање и создавање нови долгови. Според законот, ЕВН треба училиштата да ги третира како сите други корисници, но бидејќи се работи за осетлива категорија, секогаш се наоѓале поволни услови за расчистување на проблемот. Потпишаниот договор од лани за расчистување на стариот долг, кој го презема општината и паралелно плаќање на тековните сметки не е испочитуван. Ниту една од новите сметки не е платена. Компанијата останува отворена да се надмине проблемот, а општината може да го плати долгот како и сите други корисници, информира ЕВН.
Следната седница на Советот на општина Струга е закажана за 28 септември, а дотогаш наставата во ОУ „Браќа Миладиновци“ ќе се одвива со скратени часови.