Отворено писмо до Владата: Стоп за данокот на солидарност!

Од:

Граѓаните на Македонија покажаа огромна солидарност. Несебичната помош за настраданите од поплавите во БиХ и Србија ја покажаа големата душа и срце на овој народ. Огромен броj јавувања за финансиска помош, како и многу камиони со храна, вода, лекови, ќебиња за оние на кои тоа деновиве им е најпотребно. Горд сум на моите сограѓани кои покажаа солидарност. За жал, Владата на Р.Македонија уште еднаш, по кој знае кој пат, покажува огромна себичност. На големиот број јавувања на бројот 143-400 од било кој оператор, каде ние-граѓаните со секое јавување донираме по 100 денари за настраданите во БиХ и во Србија, Владата на Р.Македонија зема по 18 отсто ДДВ.

На секои наши 100 денари, кои ние сме решиле да им ги подариме на оние на кои поплавата им уништи сѐ што граделе цел живот, нашата „добра“ Влада земаше за себе дополнителни 18 денари, па така ние плаќаме по 118 денари. Така било тоа според законот, но каде е тука моралот и етиката на Владата? На премиерот Груевски? На Ставрески? На Бесими? Зарем да наплаќате данок на нашата солидарност?! Нели е срамота на донација од 100 денари, која оди за деца кои останеле без покрив над глава, вие да земете 18 денари ДДВ за буџетот на Владата на Македонија, нели е?! Знам дека буџетот ви е празен и знам дека приливите во него не се доволни за вашата партиска администрација.

Соберете сили и бидете луѓе и отворете си посебна линија за поддршка на буџетот, ако ви е потребна, а не да се „шлепате“ на желбата на граѓаните кои сакаат да помогнат во хумани цели. Немојте да ми наплаќате 18 денари на моите 100 денари за евакуираните од поплавите во Босна и Србија. Ако граѓаните на Македонија досега донирале околу 60.000 евра за оние луѓе кои немаат покрив над глава, нашата „добра“ Влада на граѓаните кои биле солидарни им земала ДДВ, кој изнесува преку 10.000 евра. Нека е според сите закони и нека е според сите пишани прописи, безобразно е! За разлика од вас, Владата на Хрватска се откажа од ДДВ-то, а сите средства собрани од него ќе ги пренасочи кон примателите на донациите.

Затоа, во ова отворено писмо, упатувам апел до Владата:

1. Да се откаже од сите средства кои Владата на Р.Македонија ги собра преку ДДВ-то на јавувањата за хуманитарна помош за БиХ и Србија, и да ги пренасочи кон примателите на донациите.

2. Да се приклучи со своја помош кон граѓаните на БиХ и Србија, следејќи го чекорот на своите граѓани, кои покажаа огромна солидарност со народот на БиХ и Србија.

Џелал Хоџиќактивист

Би можело да ве интересира

Првиот човек на Валенсија одбива да поднесе оставка за грешките за време на поплавите

(ВИДЕО) Во Шпанија се затвараат училишта, се евакуираат некои жители по обилните дождови

(ВИДЕО) Драматични сцени од Шпанија: Малага е под вода

Горан Наумовски

Санчез: Времето за политички дискусии за поплавите ќе биде по реконструкцијата

За настраданите од поплавите во Шпанија ќе донираат по 100 евра за секој километар што ќе го претрчаат на теренот

А1он

(ВИДЕО) Невремето од Валенсија се пресели во Барселона, поплавени улици, отежнат сообраќајот на возовите