Отворен Третиот Балкански конгрес на анестезиолозите

Од:

Третиот Балкански конгрес на анестезиолозите насловен „Анестезија во ортопедската хирургија и интензивно лекување“ почна денеска во Скопје, во организација на Здружението на анестезиолози на Република Македонија и Tурската асоцијација на анестезиолози-ARUD.

На конгресот, кој ќе заврши на 21 мај, има 300 учесници од Македонија, Турција, балканските земји, Европа, Израел и Индија.

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски во обраќањето пред присутните рече дека конгресот е можност за размена на искуства меѓу реномираните експерти од областа на анестезиологијата.

– Министерството за здравство во континуитет е фокусирано на зајакнување на бројни медицински специјалности, меѓу кои и анестезиологијата, со цел постојана надградба и надополнување на специјалистичкиот кадар, како и поголема достапност на специјалистичките услуги до сите граѓани, истакна Андовски.

Една од низата мерки во оваа насока, посочи, е и можноста за кофинансирање на специјализации за невработени и доктори кои не работат во јавни здравствени установи, со која Министерството за здравство ќе кофинансира од 20 до 80 проценти од нивната специјализација. Потенцира дека за таа цел е објавен оглас за 100 кофинансирани специјализации од кои дури 20 специјализации се за анестезиологија во делот на интензивна нега.

– Во изминатите неколку години се доделени над 40 специјализации во Македонија од областа на анестезиологијата со интензивно лекување, а во моментот во тек се специјализациите на двајца доктори на медицина во Клиничкиот центар во Загреб и во Белград. Според Програмата на Министерството за здравство за четиригодишниот период (од 2015 до 2018) предвидено е да се доделат 61 специјализација за анестезиологија со интензивно лекување, а само во учебната 2015/2016 година 14 специјализации по анестезиологија и 6 за педијатриска анестезиологија, додаде Андовски.

Деканот на Медицинскиот факултет, Никола Јанкуловски рече дека конгресот отвора нови можности за размена на знаења и искуства и претставува своевиден придонес во натамошниот развој на науката.

– Тој претставува реализација на стратешките цели на нашиот Универзитет за поттикнување, проширување на меѓународната научно-истражувачка работа. Програмата на годинашниов конгрес ветува успешна работа, следење на научните достигнувања во областа на медицинската наука и натамошен придонес кон остварувањето на најхуманата професија во функција на најскапоценото – здравјето на човекот, додаде Јанкуловски.

Претседателот на Здружението на лекари по анестезија, реанимација и интензивно лекување, Андријан Карталов изрази надеж дека конгресот ќе даде голем придонес во развојот на анестезиологијата, конкретно во ортопедската хирургија и интензивното лекување. Посочи дека конгресот ќе биде збогатен со две работилници од областa на анестезиологијата.

– Здружението има 206 членови. На скопските клиники и во Клиниката по хирушки болести „Св.Наум Охридски“ и во Градската општа болница „8 Септември“ веќе специјализираат една голема група специјализанти така што бројот е со теденција да расте. Во моментов таа бројка ги задоволува потребите на државата, додаде Карталов.

Би можело да ве интересира

Доктор во јавно здравство заработил 700 илјади денари за еден месец

Предраг Петровиќ

Алиу: Се воведува дигитално водење на медицинската документација

Лекарите од дефицитарни специјалности ќе може да работат до 70 години

Министерство за здравство: Законот за заштита од пушење не се одложува

Во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали

А1он

Здравството не може да се реформира „на слепо“, Алиу објави регистер на вработените

Катерина Ѓуровски