Децата од три до шестгодишна возраст од радовишкото село Злеово имаат можност да посетуваат предучилишна програма во новиот Центар за ран детски развој, отворен во рамки на иницијативата „Првите 5 се најважни на свет“.
– Обезбедувањето на правилен психофизички и социоемотивен развој на децата треба да е приоритет на секое општество. Топлината и љубовта што им ја даваме од нивното раѓање па се до првиот училишен ден е најзначајна животна инвестиција, изјави градоначалникот на Радовиш Сашко Николов.
До неодамна единствен начин на кој општините можеа да одговорат на потребите од предучилишни програми беа градинките. Со новиот Закон за заштита на децата, сега општините имаат законска основа да го зголемат опфатот и да го подобрат квалитетот на предучилишните програми преку основање центри за ран детски развој.
Иницијативата „Првите 5 се најважни на свет“ им нуди можност на општините да пристапат до средства за основање на центарот онаму каде што е најпотребно и за обука на персоналот кој ќе работи со децата.
– Центрите за ран детски развој се од најголема полза за оние места во кои нема можност или потреба за отворање градинка, рече Ража Мсефер Берада, заменик претставник на УНИЦЕФ.
Отворените центри за ран детски развој претставуваат поевтина можност за општините и за родителите. Некои центри ги покануваат родителите да дадат минимални донации за покривање на трошоците за потрошни материјали (боички, хартија, лепило, итн.), родителите не плаќаат за нивното дете да ја посетува оваа програма.
Центарот во Злеово е четвртиот кој е отворен со средства донирани од Фондацијата Т-Мобиле за Македонија. Во план се отворање центри во Долно Лисиче, Аеродром и во руралните средини од општините кои се придружија на иницијативата – Центар Жупа, Охрид и Гостивар.