Со нови вредни наоди за античкиот град чие име се уште е непознато и кој имал економска моќ од четвртиот век пред до третиот век од нашата ера, резултираа археолошките истражувања на локалитетот „Долиште“ кај прилепското село Прилепец што ги спроведува Прилепскиот завод и музеј.
Според археологот Душко Темелкоски, пронајдени се остатоци на станбени објекти од македонскиот и раноримскиот период.
– Ова е втора кампања на истражувања на локалитетот Долиште кај Прилепец, што значи продолжија ланските археолошки ископувања. Минатата година се открија некрополи, а годинава се открива комплекс од градби. Сега отворивме сегмент од две градби. Градбите се од македонскиот период (трети и втори век пред нашата ера), но имаат и континуитет во раноримскиот период од првиот век. Според наодите од една од градбите, имаме сознанија дека таа градба била користена за складирање на храна. Најдени се големи керамички садови питоси (ќупови) во положба како што биле поставени во кои се складирале житарки, рече Темелкоски.
Во едниот питус се пронајдени карбонизирани остатоци од житарки. Планирано е со хемиска анализа, а во тоа да помогнат стручњаци од Чешка кои работеа на локалитетот „Врбенска ќука“, Кривогаштанско, за да се открие за какви житарки станува збор. Со таа анализа може да се потврди, она што го знаеме од наодите, дека потекнуваат од македонскиот период.
Големо е значењето, нагласи, на откривањето на овие градби.
– Првпат од истражувањата на музејот во Прилепскиот регион за период од 60 години се откриваат сочувани остатоци од ѕидови на град од тој, Македонски период, од трети и втори век пред нашата ера. Годинава на локалитетот Стибера кај Чепигово откривме остатоци од градби од тој период, но беа руинирани и се уште не можеме да констатираме за што станува збор. За разлика од нив, на овој локалитет, Долиште кај Прилепец, веќе имаме сознанија дека станува збор за станбен комплекс, објасни Темелкоски.
Наодот со градбите од третиот и вториот век пред нашата ера е потврден и со движни наоди како керамички фрагментирани садови, делови од накит и бронзени монети. Откриена е и бронзена монета на последниот македонски крал Персеј.
– Откривме и движни предмети од подоцнежниот Римски период (од првиот век од нашата ера), и тоа остатоци од керамички садови и монети од времето на владеењето на императорите Август и Тибериј, дополни Темелковски.
Локалитетот Долиште кај Прилепец е познат во археолошката наука уште од периодот помеѓу двете светски војни. Тука лежел антички град, се уште за нас непознат. Од педесеттите години од минатиот век познат е богатиот наод од овој локалитет на околу 200 сребрени монети.
– Тогаш беа најдени монетите – тетрадрахми на македонски и пајонски кралеви со што наодот се вбројува во еден од најбогатите во Македонија од тој вид. Претпоставка е дека станува збор за некогашниот град Пелагонија. Но, и локалитетот кај селото Старо Бонче ја дава таа претпоставка, така што мора да се чека на археолошка потврда, односно да се открие некој натпис за да се потврдат претпоставките, истакна Темелкоски.
Овој проект се вбројува во капиталните проекти и е со поддршка на Управата за заштита на културното наследство.