Со осветување на новоизградената црква „Свети Илија“ во Струшкото село Глобочица денеска беа одбележани 50 години од потопувањето на селото, поради изградбата на хидроцентралата „Глобочица“.
Чинот на осветување на црквата, која датира од 15 век го водеше владиката Тимотеј. Фрескописот на новоизградента црква е на Петко Филкоски од село Нерези, а иконостасот на Божин Стојкоски и Кочо Аиноски од Охрид.
Поранешните жители на селото Глобочица, кое се наоѓа на 20-ина километри од Струга, на патот за Дебар, заедно со своите нови поколенија, млади генерации, одлучиле да ја возобноват некогашната црква, но и селото, кое сега добива нов лик со новоизградени куќи на ридот над езерото.
До селото се доаѓа со кајче или импровизиран сплав направен од мештаните. Новата црква заедно со крстот, вградена во себе ја носи и камен-плочата од некогашната потопена црква, која била извадена од дното на Глобочичкото езеро од страна на нуркачки тим во мај 2012 година.
– Чекавме 50 години да ја извадиме од под езерските води за да ја изградиме велелпната црква, да го направиме ова што го копнеевме цел живот ние глобочичани. Црквата се градеше со донација на сите присутни овде, кој со пари, кој со работа, со ум и со желби ја иградивме за три години. На денешниов ден точно пред три години ја почнавме, а денеска ја осветуваме, рече Сандре Попоски, претседател на Месната заедница во село Глобочица.
Носталгијата кај мештаните за потонатото село се забележува и по 50 години. Крсте Илоски, член на иницијативниот одбор за изградба на црквата „Свети Илија“ иформира дека потопеното село имало 42 куќи, но оти денес се враќаат викендашки и бројката на изградени викенд-куќи е околу 45.
– Носталгијата на народот во село Глобочица уште во 1976 година многу кратко после 10 години од иселувањето ги поведе да своите корени ги побараат повторно назад и почнаа со обновување на стариот водовод, со изградба на спомен чешма, во чест на илинденците. Во меѓувреме се направија многу куќи, во 1997 и 1998 година селото доби електрична енергија, се изгради нов далновод исклучиво со средства од месното население и со донации. Вредните луѓе на ова село ќе придонесат за развој на селскиот туризам, за недопрената природа за ловниот и риболовниот туризам, изјави Илоски.
Зоран Илоски, кој како дете бил иселен од Глобочица раскажа за детството поминато во игра и дружба во селото и периодот на потопување на нивните куќи.
– Паметиме кога езеото почна да се оформува и гледавме како дел по дел ни одзема се она што ни е драго, денес мојата куќа, а после 15 дена и куќата на мојот другар. Во овие води ни се поплавуваше училиштето „Момчило Јордановски“, во кое ги почнавме нашите школски денови. Паметиме како се поплавуше и црквата „Свети Илија“ каде ги празнуваваме сите празници. Сепак најтешко ни беше кога се потонуваше и последната куќа од селото. Тој момент е врежан и незаборавен, истакна Илоски.