Членството во Европската унија и во НАТО е многу далеку без признавање на јазикот и културата на Албанците во Македонија, изјави челникот на УНИТЕТИ, Г’зим Острени на митингот на коалицијата Алијанса на Албанците, во петокот вечерта во Кичево, пренесе телевизијата 21.
„Со оваа власт ќе бидеме се подалеку од Европската унија. Како ќе го развиеме меѓукултурниот дијалог, како што бараат од ЕУ, без претходно признавање на албанскиот јазик од Македонците. Не само државата, туку и сограѓаните Македонци треба да го научат албанскиот јазик. Тие не ја признаваат нашата култура и историја“, изјави Острени.
На предизборниот собир зборуваше и челникот на ДР-ДПА, Зијадин Села, кој истакна дека гласот за нивната коалиција има големо значење, бидејќи според него, секој глас за нив е нова можност за обединување на Албанците во Македонија.
Претседателот на НДП, Весел Мемеди, пак, нагласи дека време е Албанците да почнат да гласаат поинаку од претходните изборни циклуси.