Гевгелискиот бизнисмен Томе Главчев и штипскиот бизнисмен Зоранчо Митровски, кои се осомничени во истрагата на специјалното јавно обвинителство под кодно име „Поштенска банка“ oтворена во октомври 2018 година се двајца од тројцата сведоци кои на предлог на обвинителката Вилма Русковска ќе сведочат на 25 декември во предметот „Рекет“.
Главчев и Митровски, според информациите на „А1он“ дале исказ за случајот кај обвинителката Русковска меѓу првите, уште во јуни годинава. Покана за сведочење за 25 декември доби и штипскиот адвокат Сашко Бошков.
Првиот од двајцата сведоци е сопственик на „Ноел“ од Гевгелија која произведува кошули, но газда е и на други фирми. Интересно е што две недели по обелоденувањето на истрагата „Поштенска банка“, за фирмата на Главчев осамна пиар текст на веб-страницата на телевизијата „1ТВ“, во кој, фирмата е прикажана како успешна бизнис-приказна. Неколку месеци на телевизијата на обвинетиот Бојан Јовановски се емитуваа реклами за фирмата на Главчев.
Во случајот „Поштенска банка“, судот по барање на СЈО го замрзна имотот на сите опфатени со истрагата, вклучително и имотот на Главчев и на неговите фирми. „А1он“ веќе објави дека Сашо Василевски, разрешениот генерален директор на МЕПСО, купил стан од фирма на Главчев во истрагата „Поштенска банка“, кој Јанева не доставила предлог да биде замрзнат. Со позитивно мислење од Катица Јанева, судот на Главчев му го врати пасошот и го замени со гаранција во имот од над 900 илјади евра.
Зоранчо Митровски, пак, е сопственик на винаријата „Езимит“, а има удел и во градежниот бизнис. Тој е почесен конзул на Латвија во Македонија. Неговата фирма беше акционер во „Бетон“ од Штип за која е отворен стечај, заедно со „Орка Холдинг“ на Орце Камчев. „Бетон“ градеше објекти од проектот „Скопје 2014“.
Следен за испитување во случајот „Рекет“ е Виктор Доневски, поранешен новинар и ексгенерален извршен директор на „Медиа принт Македонија“ во периодот кога нејзин сопственик беше „Орка Холдинг“ на Орце Камчев. Доневски беше и главен маркетинг-директор во телекомуникациската компанија „ОНЕ“ на „Телеком Словенија груп“.
Заедно со него покани за сведочење во случајот ќе добијат и Драгана Колевска и новинарот кој работеше во „1ТВ“, Христијан Баневски. Во случајот „Рекет“, вина призна Зоран Милевски и доби три години затвор. Судскиот процес продолжува за Катица Јанева и Бојан Јовановски.