По повод 25. Октомври – Европски ден на граѓанската правда, Основниот суд Скопје 1 – Скопје организира отворен ден со цел приближување на судот до граѓаните и нивно запознавање со начинот на работа и нивните права и слободи во судска постапка загарантирани со Уставот и Законите на Република Македонија.
За таа цел, како што се наведува во соопштението на Основен суд 1, судот денеска, меѓудругите, го посетија и група студенти и професори од Правниот факултет „Јустинијан први“ – Скопје кои имаа можност да ги разгледаат судниците во старата и новата зграда на судот, да се запознаат со техничките услови за работа во судниците, писарницата и шалтерите за прием, да разговараат со вработените и со судиите во однос на начинот на работа со странките, водење на кривично-правна постапка, изготвување на судски документи, решенија, пресуди и сл.
Воедно групата студенти проследи и јавно судење од областа на Организиран криминал и корупција со што можеа и изворно да се запознаат со текот на судењето и водење на постапката.
Основниот суд Скопје 1 – Скопје, се додава во соопштението, останува на своите заложби за транспарентно, независно и отчетно работење и ги повикува сите заинтересирани граѓани, невладини организации, меѓународни претставници во земјата, медиуми и студенти кои се интересираат за работата на судот да ги користат законските алатки за пристап до информации од јавен карактер и посета на судот.