Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Брисел, оствари средба со Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и Потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини.
На средбата, Османи го презентираше напредокот во имплементацијата на Планот 3-6-9, како и напредокот во отстранувањето на останатите политички пречки на евроинтегративниот пат на Република Македонија. „Доаѓам со добри вести од Република Македонија. Онака како што ветивме пред девет месеци, навреме испорачавме реформи во соодветниот период за Извештајот на Комисијата позитивно да го оцени нашиот напредок“, истакна Османи на средбата, посочувајќи притоа на соодветната реализација на Планот 3-6-9, чија имплементација завршува заедно со излегувањето на Извештајот на Европската Комисија на 17 април.
„Делот три од Планот 3-6-9 го крунисавме со одржување на фер, слободни и кредибилни избори уште во ноември минатата година, што беше потврдено во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, чии заклучоци беа повторени и од страна на Делегацијата на Европската Унија во Македонија“ истакна Османи. Тој додаде дека во изминатиов период Владата изготвила бројни стратегии и суштински реформски закони, кои во транспарентна и инклузивна постапка, со вклучување на мислењата од опозицијата, граѓанскиот сектори и јавноста, во најголем дел се донесени во Собранието на Република Македонија. „И во овој момент, во овие последни денови, додека го одржуваме овој состанок, во Собранието на Република Македонија се носат и последните реформски закони за кои е потребна поддршка од две третини од пратениците и за кои во последен момент се обезбеди консензус за нивно изгласување со опозицијата “ – истакна Османи.
Во делот на отстранувањето на политичките пречки, Османи посочи и на донесувањето на Законот за јазиците, како фундаментален но и последен сегмент од легислативниот дел од Рамковниот договор, изразувајќи притоа надеж дека имплементацијата на закон на дело ќе ја демонстрира неговата обединувачка сила во насока на изградба на цврсто, стабилно и просперитетно мултикултурно општество во Република Македонија.
„Остваривме историски напредок и во односите со соседите. Го потпишавме, а потоа и ратификувавме во Парламентот, историскиот Договор за добрососедство со Бугарија, а остваривме и исклучително значаен напредок во комуникацијата со Грција“, истакна Османи, додавајќи дека во периодот што претстои, очекува решение и за долгогодишниот спор со Грција, со што ќе се отстранат сите пречки на евроинтегративниот пат на Република Македонија.
Средбата Османи – Могерини се одржува во пресрет на излегувањето на Извештајот на Европската Комисија за состојбите и напредокот на Република Македонија, кој излегува за неполна седмица на 17 април. Во рамките на посетата, Османи ќе оствари средби и со други високи претставници на телата на Европската Унија, меѓу кои и со Геновева Руиз Калавера, директорка на одделот за Западен Балкан во рамките на Директоратот за проширување – ДГНЕАР, како, со холандскиот евро-пратеник Ханс Ван Баален кој ја предводи групата “Пријатели на Македонија” во Европскиот парламент, како и со Пјотр Серафин, шеф на кабинетот на Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.