Денес, по повод зачленувањето на Република Македонија во Агенцијата за фундаментални права (FRA) на Европската Унија, во просториите на Министерството за Правда, се одржа средба помеѓу Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и Министерот за правда Билен Саљији. Пред почетокот на средбата, Вицепремиерот Османи и Министерот Саљији имаа обраќање до медиумите.
„Членството во ова институција, не е изолиран настан што се случи одеднаш, туку тоа е круна на еден процес кој е започнат уште во 2008 година кога и формално како држава имаме побарано членство во Агенцијата. Низ овој процес поминавме бројни блокади, но еве конечно, го откочивме процесот и станавме членка на оваа важна европска институција.“ – истакна Вицепремиерот Бујар Османи пред почетокот на средбата, додавајќи дека овој настан ја покажува посветеноста на Владата за приближувањето на земјата кон Европската унија на сите можни нивоа.
Во продолжение, Вицепремиерот Османи го оцени зачленување во Агенцијата за фундаментални права на ЕУ како важен чекор од страна на Европската Унија, кој е во насока на визибилноста на европски перспективи на Република Македонија. „Ова дотолку повеќе, ако се има предвид дека, Република Македонија во моментов претставува единствената земја – кандидат за членство во Европската Унија која се стекнала со право за учество во работата на Агенцијата за фундаментални права на Унијата. “ – додаде Османи.
Министерот за Правда, Билен Саљији, истакна дека вклучувањето на Република Македонија во работата на оваа агенција како единствено тело кое се занимава со почитувањето на човековите права во Европската Унија, кореспондира со евроинтегративниот процес на Владата и активностите на усогласување на македонското со европското законодавство. „На овој начин, Република Македонија, како единствена од земјите-кандидатки за членство, ќе има директен увид во работата на Агенцијата и можност европските стандарди и практиките да ги пренесе во домашната законодавна и институционална рамка.“ – изјави Саљији. Тој додаде, дека поголемиот дел од финансиските обврски на Република Македонија за членството во агенцијата се обезбедени во вид на грант преку ИПА од страна на Секретаријатот за европски прашања, додека остатокот од околу 20% ќе го обезбеди Министерството за Правда.