Османи од Тирана: Имплементацијата на Договорот од Преспа поттик за компромиси во Западен Балкан

Од:

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој заедно со главниот технички преговарач Бојан Маричиќ учествува на конференција во Тирана, денеска се сретна со албанскиот министер за Европа и надворешни работи Дитмир Бушати и министерката за европска интеграција на Косово, Дурата Хоџа.

На средбата со албанскиот министер Бушати отворени биле темите за предизвиците со кои двете земји се соочуваат при приближувањето кон Европската Унија, како и за развојот на билатералните односи.

– Минатата недела двете земји заеднички го започнаа скрининг процесот што претставува дополнителен поттик за зајакнување на меѓусебната соработка, особено во размената на искуствата и стекнатите знаења за напредок во интегративните процеси, истакнал Османи.

Тој побарал Албанија како земја–членка на НАТО да ја искористи својата позиција за да ѝ помогне на Македонија на патот кон нејзиното полноправно членство во Северноатлантската алијанса. Потенцирал дека искуството на Македонија во рамки на процесот за стабилизација и асоцијација, особено искуството на Секретаријатот за европски прашања, е значаен потенцијал за размена со колегите од Албанија.

На средбата со косовската министерка за европска интеграција била потенцирана заложбата на двете земји за европската перспектива на регионот, како и за соработката во оваа насока меѓу двете држави.

– Високата поддршка од граѓаните на референдумот претставува силен моментум за имплементација на Договорот од Преспа, со што Република Македонија целосно ќе ги откочи европските и евроатлантските интеграции, истакнал Османи, посочувајќи дека овој напредок, како и целосната имплементција на Договорот од Преспа ќе претставува поттик и за целиот регион за суштински и храбри компромиси меѓу земјите од Западниот Балкан, посочувајќи притоа на односите меѓу Косово и Србија.

На денешната Конференција за пристапни реформи во земјите од Западен Балкан се очекува да биде потпишана заедничка декларација во која ќе се реафирмираат заложбите за унапредување на добрососедските односи, регионалната соработка и европските перспективи на земјите од Западен Балкан. Вицепремиерот Османи ќе се обрати и на панелот посветен на комуникацијата на ЕУ во јавноста.

Конференцијата во Тирана е поддржана од страна на австриското претседателство со Советот на ЕУ и е трета по ред по одржаните конференции во Скопје во 2015 и во Подгорица во 2017 година.

Би можело да ве интересира

ПР-службата на Владата не е таа што одлучува кои новинарски прашања заслужуваат одговор, реагира Синдикатот на новинарите

ДУИ: Владата ја турка државата кон нов бран поскапувања

Дрски и безобразни лаги, Владата ги демантира обвинувањата од СДСМ за набавка на водата за Гостивар

СДСМ: Голема грижа за граѓаните на Гостивар – бизнис зделка од 100.000 евра на Мицкоски и ВМРО со вода

ВМРО-ДПМНЕ: Секој денар од ребалансот е инвестиција во иднината

Пратениците не изгласаа недоверба на српската Влада

Горан Наумовски