Во просториите на Народниот правобранител денеска се одржа средба помеѓу Народниот правобранител Иџет Мемети и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, акцент беше ставен на темите кои произлегуваат од препораките во извештаите на Европската комисија, итните реформски приоритети, Извештајот на Прибе и останатите релеванти документи во процесот на евроинтеграција, а кои се однесуваат на понатамошно унапредување на автономијата и капацитетите на Народниот правобранител.
Соворниците, се додава, се согласиле дека ваквите реформи се потребни не само поради потребата од исполнување на препораките, туку и потребата да се возобнови соработката меѓу Владата и канцеларијата на Народниот правобранител, со цел побрзо и поквалитетно спроведување на потребните реформи и справување со предизвиците.
– Согласно новата агенда на Владата за посветеност кон исполнување на итните реформски приоритети, очекувам Владата набргу повторно да ги преземе сите потребни чекори за да да се воспостави поблиска соработка со канцеларијата на Народниот правобранител, со цел поадекватно адресирање на отворените прашања и предизвиците со кои се соочува, истакна вицепремиерот Османи при средбата, се наведува во соопштението.
Во таа насока, се додава, соговорниците се согласија да работат посветено на реформите и во што е можно пократок рок да ги затворат сите отворени прашања и имплементираат сите препораки кои се обврска на Република Македонија пред меѓународните партнери.