Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Брисел, оствари средба со Геновева Руиз Калавера, директорка на одделот за Западен Балкан во рамките на Директоратот за проширување – ДГНЕАР; потоа оствари средба и со холандскиот евро-пратеник Ханс Ван Баален кој ја предводи групата “Пријатели на Македонија” во Европскиот парламент; а при крајот на посетата, оствари средба и со Пјотр Серафин, шеф на кабинетот на Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
На средбите беа отворени темите за европските интеграции на Република Македонија, во контекст на европските перспективи на земјите од Западниот Балкан. „Република Македонија активно се подготвува за имплементација на процесите од водечките иницијативи на Стратегијата за проширување со земјите од Западен Балкан 2025, кои претставуваат клучната алатка за исполнување на критериумите за прием на земјите – кандидатки, но и за конвергенција на општеството со останатите европски земји“, истакна Османи. Во таа насока Османи изрази задоволство од досегашниот успех во имплементацијата на Планот 3-6-9, потенцирајќи ја интенцијата на Владата планира да продолжи со реформскиот процес, веднаш по добивањето на Извештајот од страна на Комисијата на 17 април, со што Европската агенда повторно ќе се задржи во нејзиниот фокус.
Османи потенцираше дека согласно успешната имплементација на Планот 3-6-9, но и согласно успешното адресирање и затворање на отворените политички прашања, очекува и напредок во евроинтегративните процеси, т.е. почеток на преговори со Унијата за полноправно членство на Република Македонија. „Со оглед на улогата на координатор на процесот на европските интеграции на земјата, Секретаријатот за европски прашање веќе се подготвува и за евентуален почеток на преговорите, преку реактивирање на сите механизми за координација и следење на процесот“ – изјави Османи. Тој додаде дека соодветно на долгиот стаж на Република Македонија во процесот на Стабилизација и асоцијација, очекува, при старт на процесот на преговори, брз напредок во адаптација на државата со европските правила, стандарди и вредности.
Посетата на Брисел на Османи се одржува во пресрет на излегувањето на Извештајот на Европската Комисија за состојбите и напредокот на Република Македонија, кој излегува за неполна седмица на 17 април. Во рамките на посетата, Османи претходно оствари средба и со Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и Потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини, каде го презентираше напредокот во имплементацијата на Планот 3-6-9, како и напредокот во отстранувањето на останатите политички пречки на евроинтегративниот пат на Република Македонија.