Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска оствари средба со Сибил Сутер Теада, Амбасадорка на Швајцарија во Република Македонија.
На средбата беа дискутирани темите за билатералната соработка меѓу двете земји, евроинтегративниот процес на Република Македонија, особено во насока на очекувањата во пресрет на Стратегијата за проширување со Земјите од Западниот Балкан на Европската Комисија.
Во однос на соработката помеѓу двете земји, Вицепремиерот Османи изрази благодарност за континуираната поддршка од страна на Швајцарија за Република Македонија, и во однос на политичката поддршка, за европските перспективи на државава, но и како еден од најважните донатори, чија континуирана билатерална поддршка датира од 1992 година. Османи нагласи дека е од голема важност што Македонија останува меѓу приоритетните земји за добивање на швајцарска помош и изрази надеж дека, согласно добрите меѓусебни односи, поддршката ќе продолжи и во иднина. „Новата Стратегија на Владата на Швајцарија за Македонија за периодот 2017-2020 година, претставува додадена вредност на реформскиот процес бидејќи предвидува поддршка во многу значајни области, како што се демократија, вработување, економски развој, инфраструктура и животна средина.“ – истакна Османи.
Османи додаде дека оваа средба се остварува во еден од клучните моменти за напредокот на Република Македонија во европските интеграции, на само неколку дена од излегувањето на Стратегијата на Европската Комисија за проширувањето со земјите од Западниот Балкан , и додаде дека не само Македонија, туку и земјите од регионот, имаат големи очекувања од Стратегијата за проширување на Европската Комисија, што говори за проширениот европски оптимизам на Балканот. Во оваа насока Османи потенцираше дека 2018 година е оптимистична година за целиот регион, како во поглед на надминување на меѓусебните предизвиците, така и во однос на очекувањата за клучните одлуки за регионот, кои треба да се донесат од страна на телата на Европската Унија, во насока на процесот на проширување.