Ослободителна пресуда добија Нефи и брат му за претепувањето на Топалоски, кој од оштетен стана пријател со нив

Од:

Нефи Усеини и брат му Ибро Усеини добија ослободителна пресуда за насилството сторено над нивниот сограѓанин Спиро Топалоски. Судијката Билјана Белевска – Пројковска утврдила дека Топалоски бил натепан од браќата Усеини. Но, не утврдила дека е оштетен, бидејќи така се произнел пред судот. Ваквиот исказ на Топалоски даден во судот, кој е контрадикторен на исказот даден во Обвинителство им донесе слобода на браќата Усеини. Во пресудата напишана на петнаесет страни стои дека од снимките јасно се гледа како е тепан Топалоски, тие му биле покажани и нему, но тој останал на исказот дека повредите не му се од Усеини, туку од непознато лице кое го удрило од зад грб. Пет сведоци на настанот, пред судот кажале дека ништо не виделе, иако на снимките од видео надозорот, според охридскиот суд, се гледало како дел од нив панично бегале коа започнало тепањето на Топалоски.

„А1он“ дојде до ослободителната пресуда за Усеини. Во неа, меѓу другото се опишуваат повредите со кои се здобил Топалоски. Судијката посочува и: „За овој суд неспорно е дека во конкретниот кривично правен настан оштетениот Топалоски бил телесно повреден, од страна на сега обвинетите. Ваквата констатација произлегува од изведените докази снимки од виео надзор поставен во Хотелот Ј.во О., на кои јасно се гледа какви дејствија превземаат обвинетите при физичкиот напад врз оштетениот…“.

Во неа, опишани се сите детали кои се гледале од видео надзорот. Топалоски почнал расправија со Нефи Усеини, по што дошол и брат му Ибро, па го нападнале. Топалоски почнал со трчање да бега низ паркингот, а браќата Усеини го бркале. Од панталоните, на Нефи му паднал предмет во облик на пиштол кој го зел брат му Ибро, па на влезот од хотелот го стигнале Топалоски.  Ибро го удирал Топалоски со боксови каде ќе стигнел. Во тепањето се приклучил и Нефи. Ибро бил тој кој според цитираните снимки со предметот во облик на пиштол продолжил да го мава Топалоски.

Судијката Белевска – Пројковска која ги ослободи Усеини, во пресудата го објаснува и однесувањето на Топалоски во текот на целата постапка. Таа посочува го и моментот кога Топалоски за „А1он“ кажа дека ќе бара одговорност за неговото претепување. Но, во текот на судењето, Топалоски се однесува како да сака да им помогне на Усеини да не одговараат пред законто.

„Овој сведок кој иако има својство на оштетен, пред судот категорички изјави дека не се чувствува за оштетен, нема интерес за кривично гонење на обвинетите, не истакнува оштетно побарување, па судот ја прифати неговата слободна диспозиција, заради што практично во оваа постапка од формално процесен аспект нема оштетен субјект.  Но, и покрај јасните снимки од видео надзор кои му беа предочувани при испитувањето, сведокот – оштетениот остана на исказот дека не бил физички нападнат од обвинетите, дека повредите кои го здобил му ги нанело друго лице, не знаел кое, но дека тоа не биле обвнетите“, се вели во пресудата.

Судијката не му верува на Топалоски, бидејќи тоа што тој го кажувал пред судот е спротивно на тоа што се гледа на снимките од видео надзорот. На нив, неспорно се гледа дека браќата Усеини го натепале, а тој се обидува да избега. Сведоците пак, пред судот кажале дека немале страв кога се случил инцидентот.

„Судот го ценеше исказот на сведокот К. кој на главната расправа изјави дека не се исплашил од настанот, иако на снимката од камерите од видео надзорот се гледа како трча од шанкот према рецепцијата и главниот влез на хотелот. Притоа иако од движењето на сведокот индиректно се добива впечаток дека неговата реакција со трчање е израз на здобиено чувство на вознемиреност или страв“, се додава во пресудата.

Судијката во писмената пресуда е децидна дека сведоците со исказите имале тенденција да им помогнат на обвинетите да ја избегнат кривичната одговорност.

„За овој суд неспорно е и дека таквите повреди на оштетениот му ги нанесле сега обвинетите Н.У. (Нефи Усеини) и И.У. (Ибро Усеини). Но, со ваквите дејствија тие го сториле кривичното дело “Телесна повреда“ за кое кривично дело пак, постапката се води по приватна кривична тужба од оштетениот“, се заклучува во пресудата.

Топалоски кој пред судот го промени исказот дека бил натепан од Усеини, за „А1он“ сведочеше како му биле нанесени повредите. Нефи Усеини го нарекуваше „квази криминалец“. Во детали објаснуваше и наводи како паѓањето на пиштол пред хотелот. За ова, редакцијата на „А1он“ поседува и тонски изјави. Топалоски до „А1он“ тогаш испрати и фотографии од него на кои се гледа дека на местото каде докторите констатирале повреди има преврска со завој. По неколку дена, тој ја промени изјавата. За медиумите рече дека Нефи е негов пријател и дека никогаш не бил нападнат од него и брат му.

„А1он“ во текот на постапката повеќепати објавуваше дека сведоци менуваат изјави пред суд. Судскиот процес траеше скоро две години. Помина со низа одлагања поради отсуство на обвинетите, но и на сведоците.

Би можело да ве интересира

Поднесено обвинение за Нефи Усеини за дивоградба во центарот на Охрид

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

A1on

Лазаревска: СДСМ бара одговорност за отстранувањето на спомен плочата од НОБ во Охрид, Пецаков да не молчи

Левица: Нефи поддржан од Пецаков ја отстрани спомен плочата на НОБ во Охрид

Бизнисменот Нефи Усеини, кој тепаше и градеше дивоградби, поднесе оставка од советничката функција во Охрид

Кристијан Ландов

Наместо затвор, Нефи Усеини доби казна под минимумот: парична глоба ќе треба да го натера да не тепа советници во иднина

Кристијан Ландов