Ако денеска се реши проблемот со името, ќе биде најдобро, а ако тоа се случи до декември, тоа е второ најдобро решение, смета евроамбасадорот во Македонија Аиво Орав, по денешната препорака од ЕК за почеток на преговорите за Македонија, без решение за името.
„Пристапот на Европската комисија оваа година беше различен, меѓутоа треба и понатаму да се работи на владеење на правото, каде се вклучени, борбата со организираниот криминал и слобода на говорот”, рече евроамбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, по денешното претставување на Извештајот за напредокот на Македонија.
Орав рече дека од Европската комисија се надеваат на што е можно побрзо решение на проблемот што Македонија го има со Грција околу нејзиното уставно име.
„Комисијата е подготвена да им предложи на земјите членки да се отворат преговорите без решение за проблемот со името пред почетокот на преговорите. Секако со тоа се надеваат дека до решение ќе се дојде што е можно побрзо. Треба да се почека и да се види дали тоа ќе биде за еден месец или две години”, рече Орав.
Додаде дека сепак, решението на проблемот со името е клучно.
„Значи, ако тоа се случи денеска, јас мислам дека ќе биде најдобро. Ако се случи пред декември, тоа ќе биде второто најдобро решение. Како што Европската комисија препорача да почнат преговорите за членство во ЕУ, со решавање на проблемот со името како паралелен процес, јас сметам дека има направено еден чекор напред. Но, секоја земја членка ќе го разгледува предлогот во декември, но колку долго ќе трае, сега не можам да кажам”, рече Орав.
Посочи дека овде во регионот сè уште има многу проблеми, а ако се надминат тие историски проблеми, ќе има помирување, што ќе претставува отстранување една пречка за да се оди напред.
Претходно, во претставување на главните поенти од Извештајот за напредокот на Македонија, Еврокомесарот за проширување Штефан Фуле рече дека потребно е решавање на проблемот со името меѓу Македонија и Грција, а Европската комисија е подготвена да даде предлог за изнаоѓање на решение.
Според него, Македонија продолжува значајно да придонесува во својот напредок и дека по четврти пат земјата добива препорака за почеток на преговори за членство во Унијата.
„Перспективата на Европската унија за Македонија е реална. Задржувањето на добрите соседски односи е од суштинско значење за Македонија. Потребно е решавање на проблемот со името и Комисијата е подготвена да даде предлог за изнаоѓање на решение”, порача Фуле од Брисел.
Во годинешниот Извештај за напредокот на државата повторното се врати придавката “македонски”, што преставува голема победа на македонската дипломатија, затоа што токму околу придавката “македонски” се кршеа копјата на релација Брисел-Атина до последниот момент.
Веста за враќањето на придавката “македонски” утринава прв ја откри известувачот за Македонија од Европарламентот, Ричард Ховит, честитајќи му на Фуле за нејзиното враќање во извештајот.